Спортот е синоним за издржливост, истрајност и неприкосновена борба на теренот, а неколку дами во Охрид тоа одлично го покажуваат. По повод 8-ми март – Денот на жената спортската редаакција на ОhridNews ги претставува дамите кои го чинат успехот на охридскиот спорт.
Весна Балазоска (кошарка) – Вечен борец. Дама, која ја негува кошарката во нашиот град. Како играч имаше врвни успеси за екипите кои настапуваше, а и индивидуалните беа на нејзина страна. Будното око на Балазоска го следи секој „кошаркарски“ чекор на дечињата и веднаш ги познава оние кои ќе бидат врвни играчи. Исто така Балазоска може да се пофали со победа во кошарка без ниту еден примен поен.
Валентина Гоџоска (стрелаштво) – Признанието за најдобар тренер во Охрид за 2013 година е премалку за трудот кој го вложува таа во охридското стрелаштво. Државните и лични рекорди и многуте титули во сите конкуренции се само дел од успесите на Валентина Гоџоска. Членот на охридскиот стрелачки клуб со кој таа работи, младата Нина Балабан се издигна високо и ја преставуваше Македонија на Европското првенство во Москва, Русија, а зад неа се и бројни успеси, признанија и рекорди.
Билјана Смилевска-Богданова и Јованка Јованоска-Цветаноска (ракомет) – Со отворени раце Јованка и Билјана ја прифатија армијата на девојчиња кои беа заинтересирани за откривање на тајните во ракометот. За една година станаа клуб со најголем број на членови. Поголем дел од денот го поминуваа в сала, но тоа се исплатеше бидејќи беа нагредени со есенската титула во Првата женска ракометна лига.
Женскиот фудбалски клуб „Билјанини Извори“ – Со учеството во Лигата на Шампиони го преставуваа Охрид и фудбалот во Европа. Без посериозен проблем стигнаа до титулата дома, но за жал женскиот фудбалски клуб се соочи со сериозни финансиски проблеми.
Атлетскиот клуб Охрид – Клуб каде дамите и момчињата рамноправно ги делат победите и поразите. Клуб кој е синомин за успех во градот и каде дамите имаат извонредни успеси.
Александра Џамтоска (ракомет) – Тивко и без размислување го прифати предизвикот за отварањето на огранокот од Металург во Охрид. Сите знаеме кој е Металург во ракометот и какви цели има, а на таа иста бранова должина е и Александра, која е поранешна репрезентативка на Македонија во помладите категории.
Катерина Стојаноска (ракомет) – Успешно ја води ракометната школа „Седмерец“. Зад нејзиното име стои организација на мини Олимпијадата во спортската сала „Тодор Александров“ и многу други реализирани спортски проекти.
Соња Думбалова (пливање) – Години, години емотивно е поврзана со пливањето. Таа беше главен судија на последниот Охридски пливачки маратон и поранешен маратонец сега професор по Физичко образование.
Спортската редакција на Ohridnews им посакува среќен празник на дамите и уште многу успеси во спортот.
Михаил Постоловски