Пишува: д-р Кирил Мандулоски
Доктор по дентална медицина
Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“

Денталниот емајл е најтврдото ткиво во човечкото тело.Тој заедно со дентинот е дел од тврдите забни ткива.Тие ги оградуваат малите шуплини во забите наречени ендодонциум или ендодонтско пространство. Ендодонциумот уште се нарекува пулпна комора која се наоѓа во центарот на денталната коронка и коренските канали. Во неа се наоѓа денталната пулпа.

И покрај цврстината, тврдите дентали ткива се подложни на напади на бактериски киселини во усната празнина. Како резултат на тоа се развива кариес, а неговото нетретирање води кон компликации. Кога ќе достигне кариесот до ендодонциумот, се развива воспаление на пулпата – пулпит. Воспалението може да премине и кон коренските канали и коската и да се развие периодонтит. Пулпата исто така може да биде засегната и при трауми.

При такви состојби терапијата на забот се состои од ендодонтско лечење познато како умртвување или девитализација на забите.

Што претставува ендодонтскиот третман?

Ендодонтсткото лечење се состои во отстранување на пулпата и инфективните материи од пулпната комора и коренските канали. Коренските канали се обработуваат и се оформуваат. Следува деконтаминација на комората преку промивки со специјални раствори и пополнување на коренските канали со средства за пополнување на каналите. Тие средства се во вид на различни пасти кои се внесуваат заедно со колчиња од инертен каучуков материјал. Пожелно е ендодонтското лечење да се изврши по соодветно изолирање на забот, што најдобро се постигнува со употреба на кофердам.

Може ли да се користи анестезија при негово спроведување?

Отстранувањето на пулпното ткиво е болна процедура. Затоа, кога има болка, анестезијата е задолжителна. Тоа ги вклучува сите случаи на пулпино воспаление.

Може ли се да се заврши во една посета?

Тоа зависи од многу фактори: дали е забот еднокорен или повеќекорен, дали се силно воспалени коренските канали, има ли некоја потешкотија при нивната обработка итн. На пример, кај периодонтити каде коренските канали се силно воспалени, не се препорачува завршување на третманот во една посета.

Веднаш ли се поставува пломба по ендодонтското лечење?

Да, возможно е да се постави пломба веднаш по завршување на третманот во истата посета. Исклучително е важно во наредните 10-12 дена по извршување на коренското лечење забот да се херметизира.

Зошто се прави ендодонтско лечење на веќе умртвени и лекувани заби?

Повторното ендодонтско лечење се препорачува во случаи кај умртвени заби поради неколку причини:
– Првото лечење не било добро извршено (не се добро обработени и исполнети докрај каналите, постои неоткриен канал кој е пропуштен при обработката);
– Реинфектирање на каналите поради секундарен кариес или нарушена херметизација на пломбата (можат да се развијат хронични периодонтити и одонтогени радикуларни цисти);
– Траума на умртвен заб (таа може да причини трауматски периодонтит кој понекогаш води до апцес, состојби каде соодветниот заб претставува фокално огниште на инфекција);
– При длабоки пародонтални џебови кои го инфектираат ендодонтското пространство.

Ендодонтското лечење е специјален третман кој бара строго запазување на востановените протоколи. Тоа претставува посложен третман од обичното третирање на кариес, но е затоа чудесна алтернатива наместо вадење на забот.

Текстот е објавен во летното издание на магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм