На неколку часа пред почетокот на пописот оставка поднесе претседателката на Државната пописна комисија, Весна Јаневска, а ден претходно од функцијата се повлече и потпретседателот Абдулменаф Беџети.
Јаневска на прес конференција вчера предупреди дека во Македонија се подготвува уште еден голем пописен фалсификат, во кој таа не сака да учествува.
– Колегите од Државната пописна комисија од албанската и турската етничка заедница, не оставија минимум простор за доверба дека овој процес ќе се одвива така како што треба, ние се судривме на суштински прашања, а тоа е дали на овој попис може да се употребува фотокопија од лична карта или пасош, што е апсолутно спротивно на законот и спротивно на методологијата на Еуростат. Второто битно прашање на кое се судривме, а на кое се дискутира и на повисоко ниво е пописот на граѓани или државјани на Република Македонија кои се 12 месеци отсутни од земјава. Тоа е исто така спротивно на Законот и методологијата на Еуростат-изјави Јаневска.
И покрај сериозните разидувања, Јанеска вели дека пописот ќе се одржи, затоа што постапката е веќе отпочната, но смета дека Македонија нема да има реален попис.
-Во Чаир не се прима материјалот или пак, се викаа членови само од еден етникум, на други места се мешаат градоначалници кои прават распоред на попишувачи, а тоа не е нивна работа. Сите овие настани укажуваат на тоа дека не само што нема пописот да има добар квалитет, туку дека е и крајно исполитизиран.- рече Јаневска.
На местото на Јанеска за претседател на Државната пописна комисија е назначена Слободанка Гиевска, а на местото на потпретседателот Беџети, ќе седне поранешниот министер за здравство Бујар Османи.
И покрај проблемите од Државниот завод за статистика со став дека пописот ќе започне денеска во 8 часот. Во пописот ќе учествуваат 16.608 попишувачи, a статистичката операција ќе ја набљудува Европската унија, преку Еуростат.
Пописот на наслението и домаќинствата во Македонија ќе се одржи од 1 до 15 октомври.