Необичната приказна од населбата Видобишта на чекор до среќен крај. Откако жители од улицата „Марко Цепенков“ јавно се пожалија на институциите дека го игнорираат проблемот со штотуку породена бездомна кучка, која во обид да ги заштити своите две млади се однесувала агресивно кон нив, на сцена стапија волонтерите за заштита на животни.

Тие успеаја да ја придобијат довербата на видно уплашеното животно и успешно го дислоцираа од подрумот на карабина каде локалните жители неоодамна ја затвориле со младите за да се заштитат од неа.

Волонтерите ќе ја згрижат мајката со двете кученца во импровизираниот стационар на Мауцкер, каде веќе се грижат за поголем број други бездомни кучиња на кои им бараат траен дом. Сами се снаоѓаат за храна за згрижените животни, а работат без основни услови, компензирајќи го отсуството на системско решение и соодветна грижа за што со закон се обврзани институциите и локалните јавни претпријатија и служби.

Поради се уште нерешениот проблем до трансформација на земјиштето со Министерството за транспорт, за што решение се најавува со години, ЈП „Охридски Комуналец“ се уште не го владење овој простор и нема изградено соодветен стационар за животни.

Се уште не е извршена измена на ЛУПД (Локална урбанистичка планска документација) од страна на Министерството за транспорт и врски и општината, поради што не можеме да стопанисуваме со стационарот. Единствено што можевме да направиме е да ги известивме волонтерите за заштитита на животни за проблемот. – изјави деновиве за OhridNews во телефонски разговор директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски.

Волонтерите и овој пат го решија проблемот, но останува впечатокот дека системот за грижа за животните и решавање на проблеми поврзани со нив не само што не функционира, туку и воопшто не е поставен иако општините се обврзани на тоа согласно Законот за благосостојба на животните.

Жителите на Видобишта го решија нивниот проблем, кој сега стана проблем на волонтерите кои постојано се на мета на јавноста, која што од незнаење, што водена од сопствените интереси и сфаќања, прстот за сите проблеми со бездомните животни во градот го вперува постојано во искрените љубители на животни кои не штедејќи време и средства помагаат каде можат и не можат.

Но, тие не се моќни, а уште помалку семоќни да ги решат сите проблеми, за што е потребно да се изгради соодветен систем кој ќе вклучи професионалци и ќе им даде шанса на волонтерите преку соодветни инструменти, алатки и се разбира буџет, да почнат да работат темелно на решавање на проблемот со бездомните животни во општината.

Да, во тој систем мора да бидат вклучени вистинските луѓе, кои ќе знаат и ќе сакаат да работат на оваа проблематика. Тогаш тие ќе бидат одговорни за тоа што го работат и ќе можат да се повикаат на одговорност, а не сега кога волонтерски решаваат проблеми што треба да ги решава некој друг. На Охрид му е потребна професионална служба за грижа за животни, со обучени и квалификувани професионалци, ветеринари, надополнета со полиција за животни и инспекција која ќе санкционира и казнува. Доколку оваа служба, пак, формално се формира колку да биде формирана, подобро да не биде формирана.  На Охрид му треба ефикасен систем за решавање на проблемот со бездомните кучиња, не форма за правдање на средствата од буџетот за оваа намена.

Се додека институциите го игнорираат ова прашање, и сериозно и суштински не се зафатат со решавање на проблемот, тој нема да биде решен, колку јавноста и да негодува. Наместо тоа таа треба да го канализира незадоволството во иницијатива за промени. Маалата до месната заедница, таа до советниците, тие до одговорните институции и служби, тие пак со отчет, кој по обратен пат треба да стигне до јавноста. Доколку сакаме подобро општество не смееме да бегаме од проблемите туку треба да бараме решение за нив, заедно сите, затоа што проблемот со бездомните животни во Охрид не е од вчера, од многу одамна е и нема да се реши сам од себе ниту преку ноќ. Треба желба, иницијатива и акција. Засега тоа го покажуваат само волонтерите за заштита на животните со сите свои добри страни и маани, а сепак тие најмногу се дежурни виновници на кои ни текнува само кога ќе имаме проблем.

Г.Момироски

Необичен случај во населбата Видобишта: Кога системот е немоќен страдаат и луѓето и животните