Поразот од Шкотска , дефинитиво ја затвори нашата врата кон Мундијалот во Јужна Африка. Селекторот посакуваше повторување на шпанските 45 минути, и овај пат се повторија но се повтори и второто полувреме во кое и тогаш а и сега натпреварот го напуштивме со наведнати глави.
– Кога нема да ги искористите шансите и не постигнете погодок не можете да ја реализирате посакуваната цел. Верувам дека ако ние први го откриевме резултатот, крајниот епилог ќе беше поинаков. Покажавме уште еднаш дека знаеме да играме фудбал, нападнавме од самиот почеток ја имавме иницијативата, но не и среќата која беше на страната на домаќинот. Нам ни останува да преспиеме, да се мобилизираме и пред се мотивираме за пресметката со Норвешка бидејќи за репрезентација како што е Македонија секој натпревар е предизвик, да се одигра добро и да се освои уште некој бод во оваа тешка група – изјави на прес конференцијата селекторот Мирсад Јонуз.
Своето разочарување го изрази и Горан Попов:
–Тешко е кога ќе одиграте добар натпревар и ќе бидете поразени. Во ситуација кога играте на гости и кога тешко се создаваат шанси, ние успеавме да обезбедиме најмалку три поволности за гол и не поентиравме. Мене ме разочарува посебно фактот што повторно по водството на противникот се демотивиравме и не успеавме да се вратиме резултатски. Навистина бевме одлично мотивирани за добар резултат, оваа генерација имаше шанса и потенцијал да ја израдува македонската јавност но тоа е фудбалот. Шкотланѓаните за разлика од нас првиот удар во рамките на голот го претворија во гол и потврдија зошто се во овој момент пред нас на табелата.
Македонија в среда со почеток во 20:30 часот го игра последниот квалификацискиот дуел со Норвешка.
ohridnews