Отпорот на младите ја збуни власта, која со доцнење објави што навистина се случило кобната ноќ во центарот на Скопје, откако младите излегоја на улица организирани преку социјалните мрежи. Се обидоа да поентираат и политичарите, но младите, барем засега, не потпаднаа под нивно влијание.
Информацијата за немилиот настан со пропусти и контрадикторности ја објавија медиумите, а дел од нив, за жал, наместо во интерес на јавноста повторно се ставија во функција на политиката. Но, затоа тука е Интернетот кој ги разби сите бариери и обиди да се забошоти трагедијата и јавноста да се дефокусира со фабрикувани приказни од машинериите за валканици кои деновиве работат под полна пареа.
Да, децата им покажаа на родителите како треба да се бранат човековите права, покажаа дека во оваа земја живеат нормални луѓе кои сочувствуваат со трагедијата на семејството Нешковски и ја натераа државата да почне да го расветлува случајот кој првично беше заведен како незнајна смрт.