Јавна тајна е дека дел од трговците и продавачите во градот се служат со нечесни и потенцијално опасни методи и „трикчиња“ да ги излажат купувачите. Широка е лепезата на незаконски работи кои ги прават некои од сопствениците на трговски објекти (кршење закон за работно време, неплаќање социјално-здравствено на работниците, ненавремено или воопшто не давање плата и сл.), но по се изгледа „најомилено“ им е да ги натераат продавачите, со ацетон или некое слично средство едноставно на производите со изминат рок да им го избришат датумот на траење. Потоа на истиот втиснуваат нов или ставаат „лепенка“, лажна декларација и слично. Ова најчесто се случува во помали дуќанчиња со помал промет, но нема правило.
Од охридскиот огранок на Организацијата на потрошувачи не` информираат дека граѓаните доставиле неколку пријави за слични случаи (на пр. амбалажата на производот се распаѓа, во маслото „пливаат“ чудни парчиња, а рокот на траење е исправен).
Ни посочуваат за случај со увезено млеко-тетрапак од Србија, со лажна декларација и лажен датум на траење. Потрошувачот поднел кривична пријава против дистрибутерот на млекото. За вакви случаи одговорна е „Дирекцијата за храна“ која треба да го отстрани производот или повеќе производи кои се на било кои начин неисправни.
„Од досегашниот обем на работа на советодавното биро, како особено неповолна може да се оцени состојбата на пазарот за т.н технички сложени производи (апарати за домаќинство, мобилни телефони, моторни возила итн.). Карактеристично е што оваа состојба се јавува како резултат на непочитувањето на законските прописи од страна на продавачите, односно производителите, во поглед на нивните обврски околу гарантниот лист и гаранцијата. Во најголем број од случаите не се почитува правото на потрошувачите за замена на производот поради негова неисправност и неможност за негова поправка во тек на гарантниот рок“ – вели Катерина Спироска, советодавач во Организација на потрошувачи, Охрид и додава: „Ги повикувам сите потрошувачи на кои им се загрозени правата, лично да го посетат советодавното биро („Димитар Влахов“ 48 н.з.) непосредно да го разгледаме проблемот и да преземеме мерки за негово надминување.“
Само би додале. Потрошувачи, отворете очи при купување, бидејќи трговците се безмилосни. Ќе направат се` да продадат.
С. Костоски