Охридскиот математички гениј Сања Симоновиќ отпатува во Минск, Белорусија, на Европската олимпијада за ученички, како дел од репрезентацијата на Македонија селектирана од Сојузот на математичари. Благодарение на хумани луѓе таа ќе настапи и на балканската и светската олимпијада по математика, што ќе се одржат во Атина, Грција, односно Чијан Мај, Тајланд. Нејзиното учество на овие натпревари беше доведено во прашање поради немање финансиски средства. По актуелизирањето на случајот во медиумите, до семејството пристигнале бројни понуди за помош. Патните трошоци ќе ги покрие Мустафа Алилоски, нашинац кој живее во Швајцарија, а средства донирал и Стојан Трајчески од Канада. Дополнително поддршка за Сања најавиле фондациите на Нада Стојменова и Есма Реџепова, и други хумани луѓе и организации.
-Реакциите и понудите се огромни, меѓутоа поради тоа што веќе овие донации се доволни, апелирам да престанат, односно ако има некој хумани намери нека ги проследи на друго место има и други деца на кои им требаат средства. – изјави Бранко Симоновиќ, татко на Сања.
Иако се работи за вонсериски талент и одличен ученик и во овој случај изостана поголема поддршка од институциите. На барањето за помош единствено позитивно одговорила охридската локална самоуправа која издвои скромни 10.000 денари. Симоновиќ, чии примања не се доволни да ги покријат високите трошоци за учество на неговата ќерка на меѓународните натпревари, вели дека целата оваа ситуација за неа претставува дополнителен товар.
-Тоа е вистинско прашање, јас сум подготвен да изгорам и да се жртвувам, меѓутоа дете кое се подготвува за светски натпревари како Интернационалната математичка олимпијада, кој е на ранг на Харвард, сега наместо да учи се секира те ќе има средства те ќе нема, тука успех тешко да се очекува да знаете, бидејќи блокиран е мозокот. – вели Симоновиќ.
17 годишната Сања е стипендист на приватната гимназија „Јахја Кемал“. Таа е првенец на генерација и победник на општинскиот, регионалниот и државниот нетпревар по математика. Таа триумфираше и на националната олимпијада со што избори пласман на најзначајните интернационални натпревари, балканската, европската и светската олимпијада, на кои сега откако се обезбедени потребните финансиски средства и дефинитивно ќе настапи.
Г.М.