Како по некое непишано правило, секогаш по случај на напад на куче врз човек следи труење на животни. Речиси без исклучок. Така е и деновиве. По информацијата за напад на булеварот „Туристичка“ на ова и други места во центарот на градот расфрлан е отров. Повеќе кучиња се смртно отруени, а неколку благодарение по кој знае кој пат на волонтери и љубители на животни се спасени. Во целиот случај замислете има и приведен. Ама не одговорниот за труењето, туку волонтерот Климент Арнаудов кој ги спасувал отруените кучиња и пријавил во полицијата. Се товари за нарушување јавен ред и мир.
Вчера ме приведоа во полиција заради нарушување јавен ред и мир затоа што не можев да го исконтролирам тонот сведочејќи грозоморна сцена на затруено кутре и видно потресени малолетни деца од глетката. Полицијата дури почна да ги релативизира нештата од типот на “за луѓево не можеме да средиме работиве ти за кучињава нѐ гњавиш да идаме на терен”, небаре селективност во законите треба да негуваме. И си велам – а кој ќе одговара за мојот нарушен личен ред и мир во душава? Кај јас да се обратам што наместо безгрижно и на раат како граѓанин (кој плаќа данок за институцииве да функционираат) викенд да си истерам (ете денес и пикникот со пријателите го откажав од што не сум при себе) јас чинам нешто кое институциите требаше одамна да го средат и да не се случува? – напиша Кимент Арнаудов на својот Фејсбук профил.
И додека очигледно некој ја зема „правдата“ во свои раце расфрлајќи отров околу нашите живеалишта, што инаку е казниво дело според закон, надлежните, за жал, повторно се само неми набљудувачи. Како ништо да не се случува. Нема одговорност за нападите од кучиња врз луѓе, нема одговорност за нападите со отров врз животните, Ниту истрага, ниту случај. Само куп омраза, „хејтање“, непристоен говор и жестоки препукувања на социјалните мрежи. Иронично, но тоа стана пракса кај нас, да „лаеме“ за сите жешки теми на социјалните мрежи, а во реалност да си ќутиме и да не преземаме никаква одговорност, ниту иницијатива. Па и онака така е полесно, нели тоа што никогаш не сме, може да бидеме во виртуелниот свет, ама тоа е друга тема.
Зачудува леснотијата со која ваквите случаи ни се провлекуваат со години, децении. Од време на време ќе чуеме некоја најава од политичарите и толку. Се’ уште очекуваме да се претвори во реализација од актуелната гарнитура, која најави дека многу скоро ќе биде ставен во функција прекупотребниот Стационар за згрижување бездомни животни. Проблем беа тендери, законски процедури, институционални пречки. Нивното отстранување е при крај и штом завршат потребните процедури шинтерската служба на ЈП „Охридски Комуналец“ и стационарот под надзор на ветеринар, ќе почнат да функционираат, најави „Комуналец“. Факт е дека сите овие прашања се игнорираа или недоволно беа во фокусот на претходните власти, но несомнено има потребата да се забрзаат бирократските процедури и конечно да се покаже потребната волја и одлучност за решавање на ова прашење.
Во меѓувреме за уличните кучиња и проблеми со нив останува да се грижат една рака млади волонтери. Тие се дежурни виновници кои реагираат во секакви ситуации, спасување отруени или повредени животни, згрижувани напуштени миленици, вдомувачи во земјава и странство и што ли уште не. И пак не чинат. Чини општествово и како тоа се справува со елементарни проблеми, вклучително со бездомните животни. Зошто ни се закони кога не ги почитуваме? Проблемите имаат име и презиме и јасно пропишани процедури за решавање. Само некој треба да ги спроведе.
Се додека тие што се платени со пари од граѓаните да ги решаваат проблемите на граѓаните мижат пред нив и не ги решаваат, до тогаш билтените, медиумите и социјалните мрежи ќе бидат полни со вести за проблеми со бездомните кучиња. И така во круг. Ред сожалување, ред револт и омраза, ред отрови по улиците и парковите и отровни стрели по социјалните медиуми.
Еве еден предлог. Имате сите во маало политички активни комшии, месни комитети и организации на партии, постојат советници, пратеници, одговорни институции. Проблемот само треба да се адресира и од одговорните да се побара одговорност, бидејќи ако не ги институцонализираме проблемите тие нема да се решат.
Г. Момироски