Погодувајќи слободно фрлање во 2та четвртина на натпреварот против Кливленд Кавалирс, звездата на Лос Анџелес Лејкерс стана 15ти играч во историјата на НБА со постигнати 25 000 коша.

Коби Брајант воедно е и најмлад играч на кого ова му успеало со 31 година и 151 ден, 35 дена помалку од Вилт Чемберлен, кој ја заврши кариерата со 31 419 поени. “Следни” на вечната листа пред Коби се легендарните Џери Вест со 25 192 и Реџи Милер со 25 279. Апсолутен лидер во ова категорија е Карим Абдул-Џабар со 38 387 поени.

Својата кариера ја започна помалку контроверзно кога објави дека влегува на НБА драфтот дирекно по завршување на средно училиште. Така, во 1996, беше драфтуван од страна на Шарлот Хорнетс како 13 пик, за веднаш да биде трејдуван со ЛА за нивниот центар Владе Дивац. Со неговиот прв настап во дресот на Лејкерси, Коби Брајант стана најмладиот играч кој заиграл во НБА лигата.

Во својата богата кариера 4 пати стана НБА шампион (2000,2001,2002,2009), а секако дека најважна титула му е оваа последнава, не само поради тоа што беше избран за МВП на финалето, туку поради тоа што ја освои без Шекил О’Нил, кој тврдеше дека Коби без него нема никогаш да освои титула.


Покрај овие достигнувања, беше и МВП на сезоната 2008, и најдобар поентер на сезоните 2006 и 2007. Годинава ќе го има 12от настап на Ол-Стар натпреварите, каде 3 пати беше избран за МВП(2002,2007,2009), а победи ин а натпреварот во забивање на Ол-Старот во 1997 година. Има и олимписко злато, како член на селекцијата на САД, од Олимпијадата во Пекинг 2008 година. Најмногу ќе му се памети натпреварот против Торонто Рапторс во 2006 година кога постигна импресивни 81 поен, втор скор на сите времиња по онаа 100ка на Вилт Џемберлен во 1962 година.

Покрај по рекордите и титулите, ќе го запаметиме и по неколку скандали и контроверзии. Конфликтот со неговиот соиграч Шекил О’Нил за тоа кој е кој во тимот, доведе до распад на тандемот кој освои 3 титули по ред. За нивната нетрпеливост нивниот тренер Фил Џексон изјави дека е само заради различните карактери, а напиша и книга во која ги опишува овие настани, насловена како “Последната сезона: Тимот што си ја бараше својата душа”.

Огромна прашина дигна и неговата одлука во 2006 година да го промени бројот на дрес од 8 во 24. Иако неговата официјална изјава беше дека едноставно сака да го носи бројот од средношколските денови, јавноста не остана рамнодушна па следеа цела низа коментари од типот дека сакал да има дрес со 1+ од 23ката на Џордан и ЛеБрон, па се до онаа верзија дека на тоа бил принуден од управата на ЛА поради тоа што продажбата на бројот 8 била заситена.

Како најголема црна дамка во неговата кариера, ќе остане неговото апсење во 2003 година, кога беше обвинет од една 19 годишна девојка за силување. Иако Брајант призна дека имал сексуален однос со неа, тврдеше дека тоа било доброволно и дека не станува збор за цилување. Во 2004 година обвинителството го отфрли обвинението, а приватната тужба од страна на девојката беше решена со спогодба помеѓу двете страин. По овој настан Коби загуби голем дел од спонзорите и од навивачите, но со доброто однесување и со одличните игри потоа успеа да ја врати кариерата на вистинскиот колосек.

Коби Брајант е погласен за играч на деценијата во НБА, а со оглед на годините имаме уште многу да гледаме од “Црната Мамба”.

К.Д.