-Тргнуваме од Охрид- градот на Свети Климент, уверени во голема победа, бидејќи народот добро знае дека за 2 години направивме многу повеќе отколку некој за 15 години. Со оваа оптимистичка најава коалицијата „За подобра Македонија“ преводена од ВМРО ДПМНЕ го отвори големиот митинг во Охрид синоќа, со кој ја започна предизборната кампања.


Коалицијата „За подобра Македонија одржа голем митинг во Охрид“

На првиот митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ беа претставени кандидататите за пратеници и изборната програма “Преродба во 100 чекори – надградена и проширена“. Кандидатската листа во единицата ја предводи премиерот, Никола Груевски,  во двојката Трајко Славевески , во тројката Влатко Ѓорчев, во четворката Зоран Ставрески, носител на кандидтската листа во петката  е министерот за надворешни работи  Антонио Милошоски, а во шестката министретката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.


Претставени кандидатите на коалицијата „За подобра Македонија“

На митингот во Охрид говореа претседателите на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“ кои искажаа оптимизам во убедлива победа на предвремените избори што ќе се одржат на 1 јуни. Претставниците на партиите на помалите етнички заедници побараа најмалку 61 пратеник, за како што беше речено, продолжување на успешните реформи, зачувување на уставното име и изградба на мултикултурно општество во кое сите етнички заедници ќе уживаат подеднакви права.


Коалционите партнери на ВМРО ДПМНЕ

Лилјана Попоска од ДОМ порача дека е потрбно да се создаде силно македонско лоби, внатре и надвор од земјата, за да се зачуваат македонските национални интереси. Таа на охриѓани им вети дека развојот на  туризмот ќе биде еден од приоритетите на коалцијата „За подобра Македонија“ за што како што истакна, се предвидени  конкретни мерки во програмата „Преродба во 100 чекори-надградена и проширена“. Коалцијата „За Подобра Македонија“ е победнички тим кој покажа како се работи чесно и одговорно, и така ќе продолжи да се однесува и по победата на предвремените избори рече лидерот на Демократските сили Павле Трајанов. Првиот човек на Социјалистите, Љубисав Иванов – Ѕинго, со порака до како што ги нарече „домашните и странски негатори“. На првите дека ќе бидат поразени на изборите, а на вторите дека Македонија е доволно силна да си го зачува идентитетот.

Нaјмладиот пратеник во Парламентот, охриѓанецот Александар Николоски, побара поддршка од гласачите за 61 пратеник за ефикасен парламент кој ќе ги изгласа сите закони за ЕУ и НАТО и подобар живот на македонските граѓани.

Носителот на кандидатската листа во 5 ИЕ, Антонио Милошоски, рече дека коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, ќе води позитивна кампања. Тој најави продолжување на реформите и зголемување на угледот на земјата во светот. Притоа, Милошоски јасно подвлече која е црвената линија во преговорите со Грција во спорот за името. „Ние сме Македонци и Македонци ќе останеме и нема да дозволиме  некој да ни го менува нашиот идентитет, ниту ќе дозволиме менување на уставот“, рече Милошоски. Според него за националните прашања треба да одлучува народот на референдум, бидејќи како што рече, не може неколкумина политичари да одлучуваат  за судбината на целата нација.


Најави позитивна капмања-Антомнио Милошоски

Последен на охриѓани им се обрати лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој беше еуфорично дочекан од симпатизерите кои неколку пати го прекинуваа неговиот говор. „Додека ние зборуваме за програма и преродба, нашите политички противници во недостиг на визија и конкртетна програма  ја открија Европа“ рече Груевски. Тој говореше за достигнувањата во економијата и реформите во даночната сфера, странските инвестиции, мерките за развој на земјоделието, образованието, културата, како и за резултатите во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ најави продолжување на реформите во сите сфери, како и укинување на Шенген визите за граѓаните на Р. Македонија. И Груевски подвлече дека Македонија нема да дозволи решение во спорот со Грција кое ќе значи губење на идентитетот, при што повтори дека за евентуалното решение на проблемот ќе одлучува народот на референдум.


Еуфорично дочекан – Никола Груевски

Груевски најави подобрување на економската состојба, повисоки субвенции за земјоделците, повисоки пензии и плати, намалување на придонесите за една третина, завршување на паневропските коридори 8  и10, изградба на 19 регионални патишта и 2000 километри локални патишта, 2500 социјални станови за млади брачни паровиви, изградба на 100-на спорстки терени, нови факултети и универзитети, продолжување на археолошките истражувања, културни проекти, како и нулта толеранција за корупцијата и криминалот.


Груевски најави продолжување на реформите

На Митингот присуствуваа околу 10.000 граѓани кои со над 250 автобуси и голем број други возила од сите краишта на Македонија пристигнаа во Охрид. За нивна забава се погрижија, Ребека, Елена Ристевска, Јован Јованов, Ламбе Алабакоски, Елвир Мехиќ, Соња Тарчуловска и други познати имиња од македонската естрада. Митингот заврши со голем огномет над Охридското Езеро.

Горан Момироски
фото: Васко Бујароски