Канидидатот за пратеник од СДСМ-Охрид, Томе Чингоски и синоќа ја обвини Владата на Никола Груевски дека е влада на лаги и празни ветувања. „Наместо силна економија, добивме сиромаштија и невработеност, ветија фискултурни сали и базени, а добивме хаос и импровизација“, кажа Чингоски.
„ Ние во Охрид најдобро знаеме како е да не’ признаваат и почитуваат во светот, но знаеме и како е кога централната власт во заминување предводена од ДПМНЕ нема слух за локалните проблеми, кои ги создаде токму таа“, вака на регионалниот митинг се обрати кандидатката за пратеничка од охридската организација на СДСМ, Анита Азеска, која објасни оти на овој народ му е доста од изолација и од експерти, кои како што рече, прават експерименти со се и сешто.
Боро Павлоски кандидат за пратеник од Либерално-демократската партија изрази верба дека Коалицијата „Сонце“, на 1 јуни ќе премине во позиција, но рече оти за тоа е потребна и поддршка од граѓаните. Наредните неколку денови, тие треба да ги искористат за презентирање на програмата, која како што појасни, не е aмбициозна и не е тешка за остварување.
За програмата на Коалицијата „Сонце“, Милена Грозданоска, кандидатка за пратеничка од НСДП, рече дека го има вградено во себе европскиот социјален модул. Според неа, овие избори се тест за демократијата и за европските капацитети на Македонија.
На регионалниот митинг на Коалицијата „ Сонце “ што се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид присуствуваа и кандидати за пратеници од Струга, Битола и Крушево.
ohridnews