Пред читателската јавност во Ресен во средата на 24-ти декември беше претставена збирката раскази „Сто години копнеж“ од охридскиот автор Мишо Јузмески. Претставувањето на книгата беше одржано по покана и во организација на Домот на културата „Драги Тозија“ во рамките на повеќедневните културни активности за свечен пречек на новата година.

За целокупното творештво на авторот зборуваше Наташа Зузаровска. Поконкретно за книгата „Сто години копнеж“ свој осврт даде м-р Лидија Размоска, а делови од книгата читаше Адријана Славкова.

-Секој расказ има своја порака. Секоја порака ја оживува вистината за љубовта, сонот и копнежот. Силната желба да се реализира сонот, ја навестува љубовта која заради неможноста да се оствари се претвора во сон. Сонот се претвора во бескрајност, во силна желба да се постигне нешто, во копнеж, рече Рамоска.

„Сто години копнеж“ е најновата книга од Јузмески кој до сега има објавено шест книги со различни видови проза. Книгата од печат излезе во почетокот на 2014 година и досега беше претставена пред читателската јавност во Охрид и Прилеп, исто како и пред Македонците во Република Албанија, во Поградец, Корча и Пустец.

OhridNews