Во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид деновиве од печат излезе најновата книга од охридскиот писател и публицист Мишо Јузмески со наслов „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“, овој пат во превод на холандски јазик.
Во најновата книга на Јузмески централна фигура е холандскиот писател и новинар А. ден Долард, најголемиот промотор на Македонија, заслужен за традиционалното холандско-македонско пријателство кое од средината на минатиот век се остварува преку холандските туристи кои ја посетуваат Македонија.
Во поговорот кон „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“, Холанѓанецот Херард Пулвејк, кој е уредник и преведувач на книгата, пишува:
„Скитникот, новинарот и писателот А. ден Долард своето срце му го имаше подарено на Балканот, пред сѐ на Македонија и посебно на Охрид. Како скитник им се насладуваше на земјата, луѓето, планините, фолклорот. Како новинар беше фасциниран од сложените политички состојби кои македонскиот народ со векови го држеа под власт на околните сили и во своите написи за регионот јасно и остро ја избра страната на експлоатираниот и поробен Македонец. Како писател ги романтизираше односите помеѓу поробувачите и поробените („Ориент Експрес“) и го прикажа развојот на една љубовна приказна во градот Охрид („Свадбата на седумте Цигани“). Мишо Јузмески настапува како фотограф, писател и како туристички амбасадор веќе подолго време, промовирајќи ја својата земја во туѓина, и некаде во деведесеттите години наиде на тој странски писател кој во своето срце ја носеше неговата земја. Благодарение на залагањата на Јузмески, во македонските срца израсна посебен однос со Холандија и Холанѓаните. За таа врска и благодарноста на Македонија кон тој посебен холандски писател станува збор во оваа книга, којашто, се надеваме, ќе си го најде патот до секој оној кој има интерес за оваа земја со нејзината вековна историја и секако уште повеќе до Холанѓаните кои веројатно (повторно) се запознаваат со еден прочуен холандски писател/новинар и голем граѓанин на светот.“
Книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ на оригиналниот македонски јазик беше објавена во почетокот на оваа година, исто така во издание на охридската библиотека „Григор Прличев“, а за прв пат пред јавноста беше претставена во февруари во културно-информативниот центар „Култура 365“ во Охрид.
OhridNews
OhridNews