Во издание на Монголската академија за култура и поезија и издавачката куќа “Munkhiin Useg” (Вечна буква) од Улан Батор од печат излезе избор од поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски под наслов „Јагне“ (Khurga). Книгата е отпечатена на старо монголско писмо.
Преводот од македонски јазик на монголски го направи Литов (Ли)Намдагжанчивин, а препевот најпознатиот монголски поет Гомбожав Менд Оојо.
Литов (Ли)Намдагжанчивин е Монголец кој својот животен и професионален пат го има вградено во Македонија и го претставува мостот што ги поврзува македонската и монголската литература. Има преведено книги од Бранко Цветковски и Трајан Петровски, како и Антологијата на Современата монголска поезија во која се застапени над 30 монголски поети.
Оваа е тринаесетта поетска книга од Славе Ѓорѓо Димоски објавена на еден од светските јазици, а поединечни песни и поетски циклуси му се преведени на триесетина јазици.
Пред една недела во организација на Охридско лето беше претставена собраната поезија на Славе Ѓорѓо Димоски и документарниот филм „Поет на мал народ“ од Антонио Велјаноски пред полна сала во Домот на културата „Григор Прличев“, што претставува куриозитет кога станува збор за поезија.
OhridNews