Читателите во охридската библиотека кои денеска позајмуваа книги, добија и книга подарок по повод 23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право.

Книгата го губи вистинското значење во ерата на компјутеризацијата и интернетот, велат библиотекарите, но сепак, додаваат, дека се уште има верни читатели.

Библиотеката „Григор Прличев“ пригодно го одбележа овој ден, со читање а пораките од генералниот директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура и на министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канчевска- Милевска.

Директорот на оваа национална установа, Тоде Илиевски, вели дека најлошиот пример кога станува збор за книгата го извлекуваме од охридската библиотека, од центарот на словенската писменост. „Охрид мора да сфати на кое место е во историјата, а на кое во реалноста“, додава Илиевски.

Тој објаснува дека и по двегодишни напори, за библиотеката, сепак, не успеа да се изнајде решение за просторот. Се работи на површина од 250 квадратни мерки што не е доволно за целокупниот книжен фонд со кој располага библиотеката. Тоа е  причината и што повеќе се работи со книгите кои се задолжителни за учениците. Останатиот фонд е дислоциран во печатницата „Коста Абраш“ и во Музејот на словенската писменост.

Од библиотеката велат дека во последно време се повеќе барани се светските бест-селери, а помалку интерес има за класичната литература.

УНЕСКО го востанови 23 април за Светски ден на книгата и авторското право во 1995 година, а само две години подоцна, во 1997 година, Библиотекарското друштво на Македонија го прогласи 23 Април и за Ден на библиотекарите на Република Македонија. Оттогаш тој се одбележува со пригодни манифестации, а меѓу нив е и Меѓународниот саем на книгата.

Ohridnews