Научниците првпат директно открија клучни органски елементи во составот на комета, што ја потврдува теоријата дека тие небески тела во дамнината ги донеле на Земјата и ширум Сончевиот систем, објавија викендот што измина научниците во списанието „Science Advances“, пренесува „Макфакс“.

Вселенското летало на Европската вселенска агенција (ESA) неколкупати ја детектирала аминокиселината глицин со чијашто помош живите организми ги синтетизираат протеините, во облакот од гас и прашина околу кометата Чурјумов-Герасименко (која се означува уште како Чури, 67P/C–G или 67P).

Глицинот претходно посредно беше откриен во примероците кои на Земјата паднаа во 2006 година од друга комета Вилд 2. Меѓутоа, примероците откриени во американската сојузна држава Јута беа контаминирани, што ги отежнуваше научните анализи.

„Фактот дека глицинот е откриен кај повеќе комети, покажува дека ниту Вилд 2 ниту 67P не се исклучоци.“, вели за BBC Кетрин Елтвег од универзитетот во Берн која раководела со истражувањето.

Откритието укажува на тоа дека глицинот е вообичаен елемент во деловите од Вселената каде настануваат ѕвездите и планетите, додава Елтвег. „Аминокиселините се насекаде и животот можел да настане во кој и да е дел од космосот“, истакнува.

Нејзиниот истражувачки тим нашол и фосфор, клучен елемент во сите живи организми, како и други органски молекули во космичката прашина околу 67P. И тоа е првпат околу комета да е пронајден фосфор.

Научниците долго време дискутираат за околностите коишто довеле до појава на животот на Земјата пред неколку милијарди години, вклучително и хипотезата дека кометите и астероидите со органски елементи паднале во океаните на Земјата во раната фаза од нејзината историја.

OhridNews
извор:„Макфакс“