Клубот за подводни дејности Охрид 40 години е чувар на Охридското Езеро. Низ годините и покрај сите предизвици и притисоци нуркачите реализирале бројни еколошки акции и притоа извадени се огромни количини на отпад. Велат свеста кај луѓето тешко се менува, а нуркањето е начин на живот. Кај младите нема голем интерес за нуркањето бидејќи истото бара дисциплина, но и опрема која е скапа. Здружението брои можеби не голем број на членови, но квалитетни, подготвени да дејствуваат во секоја ситуација. Ова беше потенцирано на денешното одбележување на јубилејот 40 години постоење на Клубот за подводни дејности Охрид кое беше во рамки на Третиот нуркачки конгрес.
Ние сме едно специфично Здружение кое 40 години го чува Охридското Езеро, водените пространства низ Македонија со свои сопствени средства, со свој напор, вели Горан Балевски, претседател на Клубот.
Драго ми што успеавме да опстоиме сите овие 40 години без разлика на проблемите и притисоците. Ние не сме некој популарен спорт, но сме спорт кој е начин на живот. Ако малку се подружите со сите нуркачи ние сме како едно семејство. Во нуркањето се дели еден медиум кој во ниеден спорт го нема, односно делите воздух. Мора да се има перфектно доверба во другите нуркачи. Сите овие 40 години сме правиле многу акции и нема акции низ Македонија на водените површини каде не учествувале членови од Клубот за подводни дејности, од подводно деминирање, од еколошки акции, вадење давеници од бродската несреќа, обуки.. Горди сме, 40-те членови, што успеваме сите овие години да го одржиме клубот и да опстои нуркањето на високо ниво во однос на самите нуркања, спремноста на нуркачите и во однос на сите нуркачи низ цела Македонија, посочува Балевски.
Прв таргет, вели, им се еколошките акции и годишно реализираат најмалку четири во рамки на кои се вади најразличен отпад.
Последниве години гледаме дека имаме некаков успех во поглед на подигнување на еколошката свест кај граѓаните, но сепак не е задоволителен. Езерото е сеуште премногу загадено, посебно не разочарува што делот кај што сметаме дека езерото е најчисто е доста загадено, потегот од Пештани до Св. Наум, кај што се Трпејца, кај што се најубавите плажи и тоа дел последниве години најмногу го чистиме. Планираме тука да поставиме и еден еколошки контејнер кај што ќе има наши нуркачи кои континуирано ќе го чистат езерото. Ќе видиме колку ќе успееме во целата таа приказна. Клубот е препознатлив по еколошките акции, по алармирање на сите неправилности. Еколошки акции имаме реализирано и на другите езера низ Македонија, Дојранско, Преспанско, Мавровско Езеро. Незнам дали има некоја водена површина каде не сме учествувале со водени акции, потенцира.
Нема многу голем интерес од младите за нуркање, вели, но има интерес за помагање за еколошките акции.
Нуркањето е доста специфилчен спорт и бара откажување од многу работи. Мора да се помине обука, да се заборават некои навики како пушењето, излегувањето до доцна навечер, за наутро да може да биде спремен било кој за нуркање. Цел на клубот е да немаме ние огромен број нуркачи, туку да бидат квалитетни. Се обидуваме да придобиеме се повеќе млади и квалитетни потенцијални нуркачи за што имаме и инструктор кој се бави со обуки. Опремата е исто така доста скапа и ако кај нас во клубот целата логистика е бесплатна, сепак опремата е на трошок на нуркачот, додава Балевски.
Емил Јовановиќ од Клубот за подводни дејности Охрид потенцира дека минатата година биле реализирани пет еколошки акции за чистење на Охридското Езеро.
Во акциите се извади многу цврст отпад, пластика, стакло, дури шпорети, кајчиња искршени, колку што можеме секоја година работиме. Незнам дали се менува еколошката свест кај луѓето, секоја година е се поалармантно. Се повеќе и повеќе отпад има. Се трудиме колку можеме, но дали луѓето ќе се сменат, треба да помине доста време, вели Јовановиќ.
Чест е да се присуствува на настан за одбележување на четри децении посветеност и работа на Клубот за самиот град Охрид, за еколошките активности кои ги реализираат, а се во функција на заштита на Охридското Езеро, истакна во обраќањето пред присутните претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
Наградата која ја додели Општина Охрид, највисоката повелба на градот на Клубот за подводни дејности е доказ дека сите членови и активисти се посветени на заштита на Охрид и Охридското Езеро. Општина Охрид секогаш ќе ги поддржува ваквите настани како што и самиот Клуб за подводни дејности кој е во рамки на Програмата за спорт со одобрена финансиска поддршка за сите активности кои се планирани во текот на 2025 година.
На настанот присутвуваа бројни нуркачи од клубови во државава, при што беа споделени интересни теми од нуркањето, опремата и подводната медицина.
Меѓу нив беше и единствениот нуркач во Македонија кој користи водород при нуркањето, Љубомир Глигоров вели генерално оваа идеја за нуракње и не е многу прифатена поради тоа што водородот е запаллив и експлозивен гас.
Од таа причина при полнење на боците постои огромен ризик да дојде до експлозија, доколку не се почитувата процедурите, а едноставно не постојат такви процедури. На почетокот креирав процедури за полнење боци со водород, додавање кислород, односно правење хипотична смеса која содржи само четири проценти кислород. И во тие услови водородот не е екслпозивен, ниту запаллив. Проблемот кај оваа смеса е што може да се користи исклучиво од 40 метри длабочина до 300 метри. За разлика од хелиумската смеса, во оваа смеса има наркотичен потенцијал, но со додавање хелиум можно е да се нурка на огромни длабочини и да не дојде до наркоза. Има голема разлика во нуркањето. Процедурите на нуркање со хелиум се сосема поинакви, а кога се нурка со водород неопходно е да се изработи транзитен гас за до 40 метри. При креирањето на овој транзитен гас имав многу проблеми. Во еден момент се случуваше плуќата да ми гори, но со тек на време го избалансирав гасот и го направив многу покомактибилен со водородната смеса. Во светски рамки користењето на водородот е реткост, единствен во државата кој го користи за нуркање сум јас. Има луѓе кои се обиделе да го користат ширум светот и кои за жал не преживеале. Јас го користам редовно и според записите што сум ги прочитал со толкав број на нуркања единствен сум во светот, вели Глигоров.
Слободанка Јакимовска од Спелео нуркачкиот клуб „Врело“ од Скопје посочува дека чувството да се нурка во пештера за неа конкретно е најубаво, посебно на Матка во Врело.
Еколошки акции имаме на кањонот Матка заради што таму има многу туристи и фрллаат многу ѓубре во водата и редовно го чистиме. Пробуваме да најдеме соработка со приватни компании, чии производи се фрлаат во водата, финансиски да не поддржат, но многу ретко наидуваме на таква подготвеност. Сами си инвестираме и сами ги правиме еколошките акции. Дефинитивно Македонија го има Охрид, бисерот на Македонија, ја има и нашата пештера, но Охрид си има свои убавини дури и за почетници во нуркањето можат да ги видат убавините на езерото под вода, што поинаку се доживува. Како нуркачи сме многу малку, пред се заради тоа што нуркањето бара многу голема спремност во инвестиција во обуки, во опрема и во тренинзи, постојани усовршувања и надградувања. Пробуваме да привлечеме дополнително млади луѓе кои ќе продолжат со нуркањето и ќе ја сакаат водата исто како ние што ја сакаме, посочува Јакимовска.
На свеченоста Клубот за подводни дејности додели благодарници и признанија на сите кои дале придонес и го поддржуваат нуркањето.
За утре од Клубот најавуваат нуркачка екскурзија со брод и нуркање на локалитетот „Заум“. Целокупниот настан е во огранизација на Клубот за подводни дејности Охрид.
Фото галерија:
Клубот за подводни дејности Охрид – 40 години чувар на Охридското Езеро
Н.С.Ј.
фото. Г. М.