Познатиот светски режисер, Французинот Клод Лелуш денеска е дел од завршницата на Првиот фестивал на францускиот филм.
Зборувајќи за себе и за неговите дела што остануваат зад него, Лелуш рече  дека по природа е љубопитен и секое утро станува во 5 часот за да не пропушти некоја секвенца од снимањето на филмовите што ги работи.
Филмот е една од најголемите природни вредности, а очите се најубавата камера”, рече режисерот на последната фестивалска-прес-конференција.

“Толку сум љубопитен, што можам секој ден да пишувам сценарија”, додаде Лелуш. Според него, понекогаш и нискобуџетните филмовии можат да имаат повисоки естетски уметности за разлика од оние кои вредат многу повеќе во пари. ” Солзите и смеата во моите филмови не ги плаќа никој”, потенцира режисерот.

“И денеска во Охрид се разбудив во 5 часот изутрина и кога го видов езерото, си реков, ова е највеличенственото нешто овде”, објасни Лелуш и изрази надеж дека ова природно богатство еден ден ќе се најде во неговите филмови.

На последниот фестивалски прес присуствуваше и министерот за култура на Црна Гора, Бранислав Миќуновиќ, кој, како што беше речено, дошол со специјална намена, да се види со познатиот режисер.
 
Вечерва на Антички театар во 20 часот  ќе биде спуштена завесата  на Фестивалот на францускиот филм. На Клод Лелуш ќе му биде врачена наградата “Златна маска”  за животно дело. Фестивалската жири-комисија ќе ги додели и наградите за филм, сценарио, машка и женска улога.  

А. Ристоска