Охридскиот Основен суд е ажурен. Од над 22 илјади предмети минатата година, до сега се решени повеќе од 17 илјади предмети, а за понатамошна постапка останале околу пет илјади, вели претседателот на Основен суд Охрид, Милчо Клишески.

Толку предмети колку што имавме минатата година, мислам дека судот во своето постоење никогаш немал, како по обем, така и по решеност. Најголемиот број од нив беа предмети поврзани со ЕВН за стекнување без основ. Тие  не доаѓаа еднаш во група, туку сукцесивно и до мај беа над 17 000. Станува збор за извршени наплатувања повеќе отколку што треба, за неколку денари, поради што странките тужеа и си ги бараа парите назад. Секој предмет си бара соодветно постапување согласно закон. Треба да се достави тужба, да поминат осум дена за жалба, па да се даде одговор, што значи дека рокот мора да се запази, а за тоа треба да помине време. Ние успеавме да го совладаме тоа навреме и да бидеме ажурен суд, потенцира претседателот на охридскиот Основен суд.

Клишески додава дека и во 2013 година охридскиот суд бил ажурен, иако имало толкувања дека не е.

На општата седница на судиите од Врховен суд беше констатирано дека судот во Охрид е ефикасен суд кој приливот на предмети може да го совлада за три месеци, вели Клишески.
 
Во однос на расположивиот кадар, Клишески потенцира дека иако по систематизација судот располага со 20 судии, поради најразлични основи како што се заминување во пензија, боледување, породилно отсуство, речиси никогаш судот не функционира со сиот кадар.

Претседателот на судот вели дека охридскиот суд е еден од најсовремено опремените во земјава. Сите судии имаат свои работни простории, канцеларии  опремени со компјутер, имаат дактилографи или референти, но и стручните соработници имаат најдобри услови за работа во посебни канцеларии, опремени со комјутер. Две сали се опремени со опрема за тонско снимање, а најавено е дека современа опрема ќе добие уште една од салите.

 – По новиот закон за кривична постапка се предвидува и визуелно и тонско снимање,но се уште нема опрема за визуелното снимање за ниту еден суд. Во постапка по жалба, зборуваме за граѓанска постапка, судијата од Апелација може да го слуша текот на самото постапување така што нема простор за манипулација од која било страна. Со визуелното снимање ќе се гледа и самото однесување на странките од самиот претрес. Мислам дека само Обвинителството во Охрид има една просторија опремена со таков вид опрема согласно новиот Закон за кривична постапка, кога се земаат изјави, вели Клишески.

Денес во охридскиот Основен суд се одржа  „Отворен ден во судството“. Неколку групи ученици имаа можност да извршат обиколка на судот и судските простории, при што беа запознаени со работата на судот, судиите и судската администрација.

Т.К.