Клиниката за кожни болести во Скопје, чија директорка е заразена со коронавирус, ќе биде затворена и нема да работи во текот на наредните две седмици, информира на вонредна прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

  • Уште двајца членови од нејзиното семејство се во домашна изолација. Интервјуирани се сите вработени, како и пациентите на клиниката и сите ќе одат во 14 дневна домашна изолација. Тоа се 64 вработени, 11 пациенти кои биле хоспитализирани и чие лекување може да продолжи во домашни услови и 13 пациенти кои се лекувале во изминатата недела во дневната болница од клиниката. Иако се сите со различен степен на ризик од мал, среден и висок, сметаме дека треба да се преземе оваа мерка дури и за оние кои во најкраток период биле во контакт со неа, рече министерот.

Во текот на викендот се одржала и конференција на дерматолози во Скопје на која учествувале 103 лица, меѓу кои и директорката, како и дел од вработените на клиниката.

  • Сите тие се исконтактирани, со некои е извршено и интервју и кај сите е дадена мерка домашна изолација. Меѓу гостите имало и тројца државјани на Грција, за што лично го информирав грчкиот министер за здравство. Салата каде се одржувала конференцијата е целосно исчистена согласно прописите, истото е извршено и во клиниката, додаде министерот Филипче.

Тој потенцира дека против директорката на Клиниката за кожни болести која иако се вратила од Северна Италија не ја почитувала препораката за домашна изолација и доаѓала на работа, ќе бидат преземени санкции. Таа ќе биде разрешена од функцијата, откако ќе поминат предвидените две седмици на затворање на клиниката.

Во моментов се испитуваат уште осум пациенти на Клиниката за инфективни болести, еден пациент со симптоми кој престојувал во Бугарија и неговата сопруга, еден патник кој се вратил од Сингапур, наш државјанин,  4 луѓе кои биле во контакт со хоспитализираните пациенти од Дебар и еден пациент од Гевгелија.

OhridNews