– Ова признание претставува круна на 86 годишното негување на овој стар занает од страна на мојата фамилија. Макотрпна работа проткаена со многу љубов, трпение, бидејќи иако можеби така изгледа, изработката на охридскиот бисер не е едноставна. Работиме со многу хемикалии, при што доаѓа и до токсични испарувања , вели Талев.
Овој познат охридски занаетчија објаснува дека охридскиот бисер по своите карактеристики е единствен во светот.
– Во 2001 година ми беше доделена награда Златна медалја во Брисел, при што комисијата која ги оценувала бисерите изработени во најразлични краеви од светот, утврдила дека охридскиот бисер по својата боја, нијанса, сјајот, формата и изработката не може да се спореди со ниту еден друг примерок, раскажува Талев.
Тој потенцира дека за разлика од познатиот бисер Мајорка, чија основа е пластика, преслечена со седефаста материја, основата на охридскиот е седефот на кој се нанесува емулзија. – Тоа всушност и го прави брендот- охридски бисер. Зрната кои ние ги користиме се производ од школката, која се режи со ласер и при тоа се прави зрно кое е грубо. Потоа се полира, одмастува, дупчи на ласер и така подготвено доаѓа во нашата продавница. Ние потоа ја нанесуваме емулзијата на зрното која се изработува од рибиното сребро од плашицата, ги открива Талев тајните на изработката на охридскиот бисер и додава: – Луѓето често пати знаат да коментираат дека во сегашно време не може да се набави толку многу плашица за да се направи емулзија. Тајната е што во светот постојат многу други видови риби кои го даваат тоа сребро- се прави и од преспанската и дојранската белвица, скадарската, како и од рибите кои живеат во Северно море. На зрното се нанесуваат седум слоја емулзија, а се премачкува со четче со влакна од органско потекло, најчесто од опашка од коњ или верверица.
– Рачната изработка ми е аманет оставен од татко ми кој ми кажа- времињата ќе се менуваат и модернизираат, но рачната изработка е нешто што секогаш ќе има голема вредност. Внесуваме новини единствено во однос на нијансите на емулзијата со кои ги премачкуваме зрната бисер, вели Талев.
Дуќанот на Талев во охридската чаршија низ годините го посетиле голем број видни личности. Со задоволство се сеќава на посетата на екс премиерот на Хрватска Иво Санадер, и поранешниот претседател Стипе Месиќ, генералот на турската армија и на уште многу други. Сепак, Талев потенцира дека за него секој кој ќе влезе во продавницата е драг гостин- без разлика дали ќе купи бисери или само ќе ги разгледа.