По две сезони минати на печалба на азискиот континент стружанецот Николче Клечкароски се врати во родниот крај. Поранешниот играч на Македонија ЃП, Металург и Тетекс од двегодишниот престој на „жолтиот“ континент носи  само позитивни впечатоци.



– Кога им прераскажувам за мојот престој во Малезија и Виетнам луѓето не ми веруваат. Тие се многу топол народ, за нив спортистите се херои.  Престојувавме во најлуксузни хотели, на секое излегување на улица бевме застанувани од жителите кои сакаа да се сликаат и да им даваме автограми. Едноствано тие живеат за фудбалот и спортот  вооптшто –
рече Клечкароски.


Исхраната во земјите од Азија се базира на морско плодови, риби и неизбежниот ориз што преставувало проблем за „странците“.

– Проблем за интернационалците во Малезија и Виетнам имаше со исхраната и приспособувањето на климата. Тие секогаш се трудеа да ни излезат во пресрет да ни дадат „нормален“ прибор за јадење, а не оној нивни препознатлив со стапчиња. Нивни специјалите се чистиот ориз без никакви дотаци, морски плодови и риби – додаде Клечкароски.


Според стружанецот квалитетот на фудбалот и условите се неспоредливи со Македонија и планира да одработи уште еден договор во некоj од азиските шампионати. Тој поради повреда предвреме го раскина договорот со клубот од Малезија и се врати во Македонија.

– Разликата во фудбалот и пристапот е изразена во големи параметри.  Фудбалот во азиските држави е во голема експанзија, а за тоа говори фактот дека неколку фудбалери од Македонија па и Балканот се почесто ја одбираат Азија за нова фудбалска дестинација – посочи стружанецот.


Задача на секој фудбалер во Азија е да игра фудбал, затоа бараат голема професионалност што резултира со добри финансиски награди и голема посетеност на стадионите.

– Таму цел ден мислиш на фудбал и немаш друга обврска. Во клубовите бевме одлично примени и се си е подредено како што треба. Секој си ja знае задачата и нема мешање и задкулисни игри во екипите. Во Виетнам секогаш игравме пред стадиони полн со 15 000 гледачи, а во Малезија стадионите беа поголеми и исполните до последното место. Во двете држави владее голема криза, но тие вложуваат во фудбалот за што може да им подзавидат и некои европски држави – заврши Клечкароски.

Михаил Постоловски