Кошаркарскиот клуб АВ Охрид со официјално соопштение до јавноста им изрази сочуство на семејствата од загинатите патници во трагичната автобуска несреќа, а на повредените им посака брзо опоравување. Вчера на автопатот Скопје – Тетово од засега непознати причини излета автобусот од својата лента и преку другата се преврти во провалија. Епилогот е ужасен со жртви и тешко повредени патници.
Кошаркарскиот клуб АВ Охрид од Охрид изразува сочуство и упатува силна поддршка до семејствата кои синоќа во трагична автобуска несреќа изгубија член од фамилијата, а на повредените им посакува брзо опоравување.
Охридскиот клуб исто така упатува целосно поддршка до Кошаркарскиот клуб Гостивар, кој во несреќата изгуби свој кошаркар.
КК АВ Охрид не заборава дека КК Гостивар еднаш ни подаде рака и ни приреди топло добре дојде на денот кога град Охрид го изгуби најголем љубител и навивач градоначалникот Јован Стојаноски. Играчите, стручниот штаб и симпатизерите констатно не бодреа и го оставија ривалството на страна иако на теренот се водеше битка за бодовите. – стои во сопштението потпишано од спортскиот директор, Марјан Бошале.
Клубот од Охрид исто така ја поддржува одлуката на Македонската кошаркарска федерација за одложување на завршницата од Купот на Македонија.
OhridNews-