Од вчера во Културно-информативниот центар „Култура 365“ повторно започна акцијата „Недела на книгата“. Секој љубител на пишаниот збор кој ќе го посети овој центар во периодот од 9 до 15 часот ќе има можност на подарок да го добие делото „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“ од Стефан Влахов-Мицов.
М-р Лидија Размоска од КИЦ „Култура 365“ вели дека целта на оваа акција е да се поттикне читателската навика кај охриѓани.
„Оваа недела имаме активнст во КИЦ „Култура 365“, која овојпат се темели на подарок книги за сите оние кои ќе не се посетат. Во делото „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“ Стефан Влахов Мицов говори со јазикот на независен интелектуалец и научник за мноштво теми сврзани со македонскиот идентитет.“ – вели Размоска.
Како што објаснува Размоска, авторот во своето дело се застапува за современ и непристрасен филозовски пристап низ историските проблеми на Балканот.
„Оваа книга претставува зборник од јасно конципирани текстови, значајни по своите пораки, а посебен акцент става на проблемите на историографијата и на политиката спрема Македонија.“ – објаснува Размоска.
Од КИЦ „Култура 365“ велат дека заинтерсираноста кај охриѓани за вакви акции е голема, со оглед на тоа што во претходната беа подарени вкупно 136 примероци на книгата „Премин во маглата“ од охридскиот автор Мишо Јузмески.
„Како што кажав и претходно, охриѓани сакаат да читаат, но мора да им се покаже и да им се даде можност она што им се нуди за да го прочитаат, како да стигнат до тоа дело. Успешноста на претходната акција беше задоволителна, а интерес за делото на Јузмески покажаа и жителите кои живеат во пограничните места на соседна Албанија.“ – вели Размоска.
Во периодот 16-ти до 22-ри декември, секој оној кој ќе го посети Културно-информативниот центар „Култура 365“ на улица „Цар Самоил“ бр. 34 во периодот од 9 до 15 часот, на подарок ќе ја добие книгата „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“ од Стефан Влахов-Мицов.
О.Т.