Од вчера во Културно-информативниот центар „Култура 365“ започна акцијата „Неделата на книгата“. Секој љубител на пишаниот збор кој ќе го посети овој центар во периодот од 9 до 15 часот ќе има можност на подарок да го добие делото „Премин во маглата“ од охридскиот автор Мишо Јузмески.
М-р Лидија Размоска од КИЦ „Култура 365“ вели дека заинтересираноста за оваа акција е голема, односно охриѓани изразуваат желба подобро да се запознаат со пишаната творба на охридскиот автор.
„Станува збор за книгата „Премин во маглата“ од македонскиот автор Мишо Јузмески. Јас како уредник на истата, можам да кажам дека тоа е приказна за себе-спознавање. Книга која што осветлува многу настани на главниот јунак, кој истиот го води во заплети од кој тој сам пронаоѓа начин како да излезе од неволјите во кои се вплеткува. Секој оној додека ја чита книгата има можност да влезе во својот свет на фантазија. Можам да се пофалам дека иако е само прв ден од акцијата, има доста заинтересираност кај охриѓани. Изутрината имавме посетители кои изразија желба да ја имаат книгата, но исто така има и наши сограѓани кои ни испратија порака на електронската пошта со лични податоци, за ова литературно делo да можеме да им го испратиме.“ – вели м-р Лидија Размоска од КИЦ „Култура 365“.
Таа потенцира дека читањето книги ги развива менталните способности кај луѓето, го зботува речникот и вокабулорт на човекот, односно кај читателот се овозможува едно културно обогатување.
„Охриѓани читаат книги, но им треба одреден мотив, нешто што треба да ги поттикне и да ги насочи што да читаат и на кој начин би можеле тоа да го реализираат. Мислам дека тоа е основно кое е водилка за поттикнување на литературната свест кај нашите сограѓани. Ова е добронамерен совет за сите оние кои се срамат и не се доволно опуштени во овој книжевен свет, да повелат тука и да добијат книга на подарок. А зошто треба да читаме книги?…едноставно тоа дава тема повеќе за разговор кога сте во друштво. “ – потенцира Размоска.
КИЦ „Култура 365“ е едно од ретките места каде охриѓани слободно можат да „побегнат“ од секојдневните обврски и да одвојат дел од своето време на културниот живот и кулутрното обогатување.
„Можам да кажам дека имаме доста планови за понатака. Впрочем и затоа сме Култруно-информативен центар 365, затоа што во ден од годината треба да посветуваме внимание на културниот живот. Затоа и ги нудиме овие настани. Оваа недела се занимаваме со акцијата „Недела на книгата“, минатата седмица имавме претставување на творештвото од писателот Ванчо Николески, а претходно организиравме две изложби. Конкретно овој зимски период е насочен кон овие културни настани, додека во летниот повеќе сме ориентирани кон туристите кои доаѓаат во нашиот град. Се надевам дека ќе останеме на оваа линија и понатака ќе ги следете нашите настани.“ – додава Размоска.
Во периодот од 25-ти ноември до 1-ви декември, секој оној кој ќе го посети Културно-информативниот центар „Култура 365“ на улица „Цар Самоил“ бр. 34 во периодот од 9 до 15 часот, ќе добие книга на подарок или истата може да ја добие по пошта доколку достави своја адресна на електронската пошта [email protected]
O.T.