И оваа седмица во Културно-информативниот центар „Култура 365“, се одвива акцијата „Недела на книгата“. Секој љубител на пишаниот збор кој ќе го посети овој центар во периодот од 9 до 15 часот ќе има можност на подарок да го добие делото „Децата на Марија“ од струшкиот писател Петко Шипинкароски.

Акцијата која започна во понеделникот, а ќе трае до 26-ти јануари, има за цел ја поттикне читателската навика кај граѓаните. Како што вели Мишо Јузмески, од КИЦ „Култура 365“, овие денови заинтересираноста кај охриѓани е поголема, со оглед на тоа што поминаа големите верски празници.

Во почетокот имаше затишје, бидејќи луѓето ги прославуваа празниците, а претпоставувам дека им требаше малку време да се соземат и да се вратат во секојдневието. Започнаа да доаѓаат помасовно, да прашуваат и да земаат книга. Се разбира, тоа се луѓе кои се заинтересирани за активното читање, односно се активни љубители на пишаниот збор.“ – вели Јузмески.

Според него, читателската публика во Охрид не е многубројна, а колку книги ќе бидат подарени за време на акцијата, зависи од повеќе фактори.

Најаважно е колку луѓе ќе дознаат за една акција, без разлика за каков настан станува збор. Најбитно е информацијата за настанот да дојде до што повеќе луѓе, односно до вистинските читатели. Бројката зависи и од тоа колку луѓе се заинтересирани за конкретната книга, кој е автор на делото, дали насловот е провокативен, а темата интересна. Сепак, бројката не е битна, затоа што не се работи за некоја масовна култура. Ако имаме концерт на некоја позната фолк пејачка, ќе имаме илјадници посетители. Во секој случај, важно е луѓето да дојдат, да ја земат книгата и да ја прочитаат. Тоа подоцна ќе има позитивен ефект, бидејќи со таа прочитана книга треба да се пробуди интересот на читателите кон другите книги.“ – потенцира Јузмески.

М-р Лидија Размоска, вели дека книгата има историска содржина во која се опфаќа периодот на Првата светска војна, односно интернацијата на жителите од Мариово од страна на окупаторските војски.

“Децата на Марија“ е книга на струшкиот автор Петко Шипинкароски. Објавена е прв и единствен пат во 2012 година. Рецезент е Светлана Христова Јозиќ, а можам да додадам дека писателот денеска ќе биде во КИЦ „Култура 365“, во перидот од 13 до 14 часот, за ги потпшува книгите на оние коие ќе дојдат во овој културен центар.“ – вели Размоска.

Како што Размоска објаснува, ова дело на струшкиот автор содржи речник на архаизми и дијалектизми, односно помалку познати зборови кои што се дел од дијалозите во книгата.

Така читателите ќе можат целосно да се запознаат со значењето на зборовите и воедно, за текстот во книгата. Во рецензијата на Јозиќ стои: „Преку Марија и останатите ликови, Шипинкароски уште еднаш на читателите им нуди текст напишан на мошне певлив јазик  користејќи ги мариовските говори во дијалогот на ликовите, применувајќи постапка кој на раманот му дава посебна боја и го прави интересен, поучен и предупредувачки.“ – додава Размоска.

O.T.