Оваа седмица во Културно-информативниот центар „Култура 365“ продолжува акцијата „Неделата на книгата“. Секој љубител на пишаниот збор кој ќе го посети овој центар во периодот од 9 до 15 часот ќе има можност на подарок да го добие делото „Лов на лебедовото езеро“ од охридскиот поет Тоде Илиевски.

Од КИЦ „Култура 365“ велат дека и покрај тоа што бројот на домашната читателска публика е доста мал, сепак интересот кај охриѓани за оваа акција е солиден.

Досега имаме стандарден интерес за оваа акција, некои отскокнувања нема, можеби по неколку заинтересирани посетители и потенцијални читатели во текот на денот. Но тоа е она што не охрабрува да истраеме во овие акции, кои не бараат многу напор. Како и да е, акцијата се одвива како и сите претходно.“ – вели Мишо Јузмески, од Културно информативниот центар „Култура 365“.
 
Доближување на книгата до читателите

Примарната цел на оваа акција е да ја промовира книгата како уметнички производ, односно да го претстави читањето како навика која треба да биде повеќе застапена кај луѓето.

Се обидуваме на сите можни начини да ја доближеме книгата како производ до читателите, до оние кои веќе читаат или имаат интерес кон литературата. Во време кога книгата како книга, како едно парче хартија е истисната од новите медиуми, а луѓето ги преферираат другите начини на информирање. Сепак, книгата има своја вредност, која треба да се пренесе и доближи до читателите.“ – објаснува Јузмески.

На Охрид му недостaсува културен живот

Мал е бројот на оние луѓе, кои се уште покажуваат интерес за културниот живот во Охрид. Јузмески смета дека публиката и уметниците ја градат културната сцена во еден град, односно истата можат да ја издигнат на едно повисоко ниво.

Треба да има автори и публиката, да се поклопат тие две вредности, за да се воспостави една рамнотежа. Може да имате уметник, а да немате публика и обратно. Едно без друго не може да оди.  Нашата цел е да изложуваме, да промовираме автори, фотографи, писатели…“ – смета Јузмески.

Култура за секој ден од годината

КИЦ „Култура 365“ е едно од ретките места ширум земјава, кое 365 дена во годината на посетителите им нуди дел од културното живеење на градот. Во текот на летниот период, овој центар е доста примамлив за гостите од Холандија, поради постојаната изложба посветена на А. ден Долард.

Доаѓаат посетители од целиот свет, речиси од сите континенти. Од месец мај до почетокот на октомври, гостите можат да добијат информации за културното живеење на градот, додека Холанѓаните имаат можност да се запознаат со значење на писателот А. ден Долард за Охрид.“ – завршува Јузмески.

O.T.