Оваа седмица во Културно-информативниот центар „Култура 365“ започна акцијата „Неделата на книгата“. Секој љубител на пишаниот збор кој ќе го посети овој центар во периодот од 9 до 19 часот ќе има можност на подарок да го добие делото „Премин во маглата“ од охридскиот писател Мишо Јузмески.
Авторот Јузмески кој веодно е организатор на оваа акција, вели дека и покрај тоа што интересот за оваа акција е солидна, сепак мал е бројот на читателската публика во Охрид.
„Очекувањата се веќе однапред познати. Интерес има, но потребно е да се пронајдат и откријат вистинските љубители на книгата, бидејќи од целокупното население, мал е бројот на оние кои се интересираат за пишаниот збор. Мора да сме свесни за реалната состојба, со оглед на тоа што не сме некоја голема читателска нација.“ – вели Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“.
Читањето влијае позитивно
Читањето ги развива менталните способности и го збогатува вокабуларот на човекот, вели Јузмески. Како што тој објаснува, книгата како готов продукт има позитивен ефект не само кај читателот како единка, туку и кај општеството во целина.
„Целта на акцијата е да се потсети јавноста дека постои таков производ, дека книгата бесплатно може да се пронајде во секој момент. Често оние кои не читаат, наоаѓаат оправдување дека делата се недостапни и скапи, па еве им можност да не убедат во спротивното. Читањето носи многу позитивни работи во животот на поединци, а нација која чита е пообразована, попозитивна и поедуцирана.“ – објаснува Јузмески.
Охридските автори континуирано творат
Литературните средби, кои секој петок се одржуваат во просториите на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, говорат за активноста на охридските писатели. Според Јузмески, во градот постојат луѓе кои се уште се интересираат за книжевноста и творештвото.
„Во литературниот клуб во кој честопати учествувам во неговата работа, се гледа дека има присутни вљубеници во пишаниот збор. Има луѓе што се длабоко навлезени во книгите како автори и издавачи, кои активно учествуваат во создавањето на литературното творештво. Ги има и оние кои прават обиди за да создадат нешто, но и такви кои често се јавуваат како заинтересирани.“ – вели Јузмески.
Ново дело врзано за охридското подрачје
Охридскиот писател Јузмески вели дека во моментов работи на пообемен проект за охридското подрачје, неоткривајќи кога ќе биде официјалната промоција на ова дело.
„Моментално работам на повеќе проекти. Имам обработка на една поширока студија, а се работи за охридското подрачје. Тоа е комплексна тема и пообемно дело, во смисол на вклучување повеќе дисциплини и користење научна литература. Затоа е рано да се каже за што всушност се работи.“ – потенцира Јузмески.
КИЦ „Култура 365“ продолжува со промоција на домашните автори
Новата есенсо-зимска програма во КИЦ „Култура 365“, во претстојниот период на читателската публика ќе и понуди голем број литературни средби, промоции на автори и книги од родокрајните автори.
„Во моментов се уште работиме со посетители кои доаѓаат од сите краеви на светот, ги снабдуваме со информации за културното живеење во Охрид. Но полека преминуваме во есенко-зимска програма, која што ќе значи насочување на вниманието кон локалната публика.“ – завршува Јузмески.
О.Т.