За брзо време се очекува Општина Охрид да биде целосно раздолжена и да има одблокирана сметка. Ова беше потенцирано на денешната одржана седница каде советниците ја изгласаа одлуката за донесување Правилник за утврдување на критериуми за исплата на побарувања кон доверители на Општина Охрид по основ на судски и извршни решенија.
Раздолжувањето на Општината секако треба да претставува приоритет на актуеланата локална власт, процесот е почнат и од порано, меѓутоа, тоа што ме интересира зошто две години се чекаше за да биде објавен јавен повик, праша советничката од СДСМ, Живка Ангелоска.
Дали имаме одреден пресек во смисла колку средства треба да бидат извршени од жиро сметката. Ова беше пракса што се применуваше и претходниот период затоа што и двајца доверители да се подмират на овој начин тоа значи заштеда на средства од буџетот на Општина Охрид. Кои беа причините, секако дека не е законска обврска туку претставува можност, зошто две години се чекаше кога толку многу средства се извршија и со камати и судски и извршни трошоци. Мислам дека требаше порано да се објави повикот, вели Ангелоска.
Ацо Китрозоски, раководител на Одделение за буџетска координација при Општина Охрид потенцираше дека раздолжувањето на Општина Охрид како што веќе е и познато е подолг процес.
Во 2019 година имавме финансиска помош од Владата во износ од 450 милиони денари кои беа искористени, но беа во висина од 51% од пријавените обврски. Со тоа фактички се намали долгот меѓутоа бидејќи не беше Општината во можност да ги досервисира останатите средства повторно се вративме во претходни рамки во однос на долгот. Поради тоа и во изминатите мандатите и во овој имавме обид за раздолжување со кредитирање. Но, како што знаете бидејќи имаме голем дел обврска кон Министерството за финасии по однос на кредиот, околу 120 милиони денари се останати, и сеуште не се тргнати од списокот за извршување, Општина Охрид не е во можност кредитно да се задолжи за да може да ги исчисти преостанатите долгови, рече Китрозоски.
Во текот на оваа година, додаде, многу средства се запленети од буџетот на Општина Охрид, меѓутоа не беше возможно, вели, да се спроведе оваа постапка, бидејќи за да се спроведе постапката повик за раздолжување треба да се имаат средства.
Неможете да повикате на преговори и да преговарате за нешто што би се случило во иднина. Моментално на располагање имаме одредени средства и за многу брзо време Општина Охрид ќе биде целосно раздолжена. И поради тоа што сега располагаме со оној фонд без кредитно задолжување и без друга помош исклучиво со приходи од Општината, располагаме со доволен фонд за да конечно биде деблокирана Општината. Поради тоа се одлучивме на овој чекор со јавен повик да се раздолжи тоа што е останото во износ од околу 70 милиони денари со вклучени камати, додаде Китрозоски.
Н.С.Ј.