Ракометарките на Лихнид забележаа нова победа во Кадетската лига, откако на домашен терен со 27-17 (14-9) ја совладаа Стружанка во „Езерското дерби“.
Избраничките на Филип Јованоски и Билјана Богданова Смилеска со триумфот над струшките ракометарки обезбедија пласман во завршниот турнир кој се игра по завршување на регуларниот дел од сезоната.
„Китовите“ мотивирано и одлучно го започнаа натпреварот. Таквиот почеток им донесе водство 3-0, а потоа 6-2. Разликата домашните ракометарки ја задржаа до крајот на првиот дел (14-9).
Во второто полувреме домашните ракометарки уфрлија брзина погоре и ги растурија стружанки во буквална смисла на зборот победувајќи со двоцифрена предност на семафорот (27-17).
Маесталниот натпревар Викторија Алексиоска го круниса со 8 голови, Теодора Балоска постигна 6, Николина Угриноска зад своето име запиша пет голови, по три пати прецизни беа Ивона Блажеска и Тамара Маркоски, а Марија Петреска реализираше два голови.
Во следната рунда „китовите“ гостуваат во Битола кај составот на Пелистер.
OhridNews