Македонската ракометна репрезентација, вчера, се комплетираше и ги започна подготовките за завршните два мечеви во квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство. „Црвено жолтите“ се наоѓаат во добра позиција во пресрет на финалните битки, но капитенот и селекторот, Кирил Лазаров најави настап без опуштање на гостувањето во Финска и домашниот натпревар со Швајцарија.

Иако веќе сме на Европско првенство, мојот и нашиот карактер не дозволува опуштање. Ние сме победници и сакаме да победуваме. Имаме голема желба и ентузијазам да работиме и да направиме нов производ. Максимално сериозно ќе ги сфатиме Финска и Швајцарија. Немаме доволно време, но искусни сме во тие ситуации. Имаме конкретна и јасна слика за Финците во каков состав и со што ќе ни се спротистават. На натпреварот против Финска сме фаворити, а така и ќе се поставиме. Ние сме ракометна нација и така ќе се поставиме и самите да се испочитуваме. Не смееме да си дозволиме да се посомневаме дека Финска ќе нè загрози, иако имаме респект кон нив, – изјави Лазаров.

Капитенот и селекторот најави дека ќе игра заедно со Филип Миркуловски, но додаде дека треба да се мисли на иднината и полека млади и перспективни ракометари да доаѓаат на големата сцена.

Ние како стручен штаб имаме кратки и долги цели, покрај тоа што сакаме победи, мора да создадеме и играчи. Иако сите кои веќе дошле до репрезентацијата се веќе изградени ракометари, мора да добиеме играчи кои ни се потребни за Европсското првенство. Таму со краток ростер можеби ќе издржиме прв круг, но потоа следува тешкото. Сега сме комплетни, а в четврток ќе ни се приклучат и трите резерви Атанасијевиќ, Кукуловски и Цветановски и ќе имаме на располагање 24 играчи. Сакам да видиме со што располагаме и полека да го спремаме наредното Европско првенство. Јас и Миркуловски сè уште сме тука и ќе бидеме уште некое време, но мора да размислуваме и на иднината. Тоа не е лесен процес, меѓутоа ќе работиме и ќе се обидеме да направиме респектабилна национална селекција, – изјави Лазаров.

Рано утрово, четата на Лазаров, ќе има уште еден тренинг и со чартер лет заминува за Финска. Мечот во „Кокс Арената“ се игра утре (среда), а дуелот со Швајцарија е закажан за в недела, на големиот христијански празник „Велигден“.

OhridNews