Репрезентацијата на Македонија, седмото учество на Светските првенства во ракомет со скор од една победа и пет порази го заврши на 23-та позиција. Македонската селекција која поминува низ процес на подмладување не брилираше, ниту со играта, ниту со пристапот и затоа пласманот е очекуван и реален.

Искрен и директен кога се работи за македонската репрезентација беше капитенот Кирил Лазаров. Најдобриот стрелец на Мундијалите со „Спортмедиа.мк“ отворено зборуваше за учеството и учинокот на нашата репрезентација во Египет.

Одигравме, ќе се осудам да кажам катастрофално Светско првенство. Не би се согласил дека ова е нашиот максимум. Среќен сум што ова се случува сега. Увидовме многу работи од кои треба да се извлечат поуки за во иднина. Самиот настап на Светското првенство значи многу за сите играчи, особено за помладите без разлика на нивниот индивидуален придонес во репрезентацијата. – изјави Лазаров.

Десниот бек е разочаран од односот и пристапот на репрезентативците, кои во иднина треба да ја понесат селекцијата.

Разочарувањето е односот кон националниот дрес, немањето самодоверба, храброст и одговорност како репрезентативци на најуспешната национална селекција, со одредени исклучоци нормално. Се надевам дека ова е само еден лош период од кој ќе научат многу работи и ќе ги потикне да бидат многу подобри во иднина. – рече Лазаров.

Комплетното интервју на Лазаров за „Спортмедиа.мк“ можете да го прочитате, тука.

OhridNews