Кирил Лазаров имаше деби од соништата на селекторската позиција во македонската ракометна репрезентацијата, откако тој и неговите избраници ја совладаа данската репрезентација со 33-29. „Црвено жолтите“ скалпот на светскиот првак му го зедоа со квалитетна, а пред се со пожртвувана игра во двата правци на теренот. За Македонија ова беше прва победа во дуелите со Данска, а трета вкупно во квалификациите за пласман на Европското првенство следната година.
Прво и основно, на почетокот сакам да им се заблагодарам на моите играчи, во случајов моите соиграчи. Испочитуваа се што се договоривме. Благодарност и до стручниот тим, кој исто така ме испочитува и ми помогна. Последните три-четири дена, иако за мене ова е нов предизвик, чувствував позитивна енергија. Не бев загрижен, туку подготвен дури и да одиграме послабо и да загубиме, ама најважно ми беше да го покажеме тоа што го договараме. Момците го испочитуваа тоа и мечот заврши како што заврши.
Имав храброст да почнам со генерација 96-98, верувам во нив. Многу од тие играчи беа оспорувани и можеби психолошки им треба малку време за да се кренат, затоа што тие знаат да играат ракомет, јас сум сигурен во тоа. Јас сум цел живот „напаѓач“, ама инсистирав овие денови на одбраната. Малку им беше смешно на сите што еден напаѓач како мене инсистира на одбрана. Но, јас цел живот играм против добри одбрани и знам што тоа значи.
Среќен и горд сум за цела Македонија, затоа што со нас имале и добри ама и лоши моменти. Ама сега сум цврсто на земја, затоа што треба да работиме многу. Благодарност до целата македонска јавност, од која по назначувањето добив поддршка во 99% од случаите. Ама, ова е само почеток, јас знам што е спорт и го знам нашиот македонски менталитет. Најважно е и официјално да се пласираме на ЕП 2022, а за понатаму ќе размислуваме после, – рече Лазаров.
Македонија предводена од Кирил Лазаров ќе има нов тест против Данска, овој пат на гостински терен во арената во Алборг.
OhridNews