Охридските „гладијатори“ сезонава испишаа една страница во историја со пласманот во плејофот, а во 1/4 финалето од Купот на Македонија ќе имаат шанса за нова.
Ракометарите на Охрид домаќини се на четвртфиналната група во која се наоаѓаат уште Тинекс Пролет, Прилеп и Вардар 2. Мечевите од полуфиналето ќе се одиграат в сабота Прилеп – Вардар 2 (18ч) и Охрид – Тинекс Пролет (20:15ч), а победниците ќе се сретнат в недела во 19 часот во финалето.
– Во текот на сезоната два пати ги победувавме нашите ривали Тинекс Пролет и Прилеп во Супер лигата, но во Купот ќе треба најмногу да се испотиме за победите кои ќе не лансираат меѓу четирите учесници на завршниот турнир. – рече Кирил Колев на почетокот од разговорот со Ohrid News и додаде. – Шансата во Купот сигурно ја гледаат и нашите противници. Прилеп и ние обезбедивме пласман во плејофот, но Тинекс кој е дел од плејаутот сите сили и мисли ќе ги насочи во 1/4 финалето од Купот. Затоа очекувам многу борба и неизвесни мечеви.
Искуството, квалитетот и публиката се на страната од Охрид, но сето тоа треба ракометарите да го капитализираат на Куп викендот во „Билјанини Извори“.
– Првенствените мечеви се разликуваат од оние во Купот. Во Купот се игра еден меч во кој немаш право на грешка и не смееш да имаш лош ден. Едноставно треба да изиграме два перфектни мечеви за да стигнеме до толку посакуваниот пласман на Ф4. Во мојата богата кариера сведок сум на неколку сензационални изненадувања во Купот. Во мечевите од Купот фаворитите имаат многу поголем притисок од другите екипи и затоа се случуваат изненадувања. Но, јас верувам во моите соиграчи. Сезонава сите заедно правиме големи резултати за охридскиот ракомет и мислам дека со пласман на Ф4 ќе го ставиме шлагот на тортата на оваа историска година. – потенцираше Колев кој има три титули со Вардар и една со Металург во Купот на Македонија.
Михаил Постоловски