Ракометарите на Охрид в недела со почеток во 18 часот против тимот на Борец од Велес во Билјанини Извори ќе ги започне мечевите од пролетната полусезона во Супер лигата. „Гладијаторите“ есенската етапа во елитата ја завршија со позтивен скор од десет победи и четири порази, а во исти ритам најавуваат продолжение на мечевите.

 
– После двомесечно макотрпно тренирање дојде денот и ние да се подготвуваме за меч со натпреварувачки карактер. Зимските подготовки поминаа според планот. Најважно е што никој од играчите не се повреди и стопроценти здрави ќе го дочекаме стартот на пролетната полусезона во Супер лигата. Одигравме два контролни натпревари со Пелистер и Едеса во кој забележавме две победи. Одлично одиграниот есенски дел од Супер лигата во кој обезбедивме пласман во плејфот ќе ни овозможи релативно лесни четири мечеви до крајот на регуларниот дел. Сепак, ние на секој меч како и до сега ќе одиме на победа бидејќи само така ќе ја одржиме одличната атмосфера во екипата. – рече охридскиот стратег Горан Андоновски.

Во есенската полусезона охриѓани го совлада составот од Велес со 25-21 , а велешани пак им го зедоја на скалпот на Вардар Јуниор и Прилеп, што покажаува за нивниот квалитет. – Екипата на Борец не е за потценување иако се наоѓа во долниот дел од табелата во Супер лигата. Тие изненадија неколку фаворити во есенската полусезона и затоа ќе мора да одиграме најдобро што знаеме, за со победа да го отвориме пролетниот дел од шампионатот. – додаде тренерот на Охрид.


Во името на Кирил Колев охридската екипа има нов капитен откако досегашниот Кирил Пецаков поради повреда на коленото подолго време не е во ростерот.

– Успешно ги завршивме зимските подготовки што се основна база за добар резултат во пролетниот дел од Супер лигата. Според двете контролни натпревари кои ги одигравме екипата е подготвена и желна за мечеви, што е многу олеснителна околност за тренерот. Четирите преостанати мечеви од регуларниот дел ќе ни послужат за финална подготовка за Купот на Македонија, а потоа она главното разигрувањето за титулата. Во името на сите играчи давам збор дека историскиот успех во охридскиот ракомет ќе пробаме да го крунисаме со пласман на местата кои водат во Европа. Сакам да апелирам до сите охриѓани и „Рибари“ в недела во 18 часот да дојдат на трибините и да не бодрат, а ние да им возвратиме со добра игра и победа, се разбира. – рече популарниот „Шора“.

Пролетната премиера во Билјанини Извори ќе ја судат битолчаните Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, а делегат ќе биде Марјан Начевски од Скопје.

Блок билет за плејоф мечевите на Р.К. Охрид во Супер лигата !

Спорт за сите во Охрид !

Мх.П.