Познатиот македонски музичар Кирил Џајковски, во петок (16.04) во 20:00 часот ќе и се претстави на својата публика во најновото издание на емисијата МТВ ТакеОвер. Кирил ја започна својата кариера на почетокот на `80-тите години од минатиот век, кога заедно со режисерот Милчо Манчевски го основаа „Бастион“, еден од првите електронски бендови во Македонија.
Во неговата биографија се вбројува и соработката со култните „Леб и Сол“, со кои сними два албуми и настапуваше на нивните поголеми турнеји низ Балканот и Европа. Во текот на деведесетите години, Кирил се сели во Австралија и почна да експериментира со македонската етно музика и електро ритмовите. Резултатот од оваа работа е неговото прво соло издание „Synthetic Theatre“, кое доби многу позитивни критики.
По овој успех, Кирил го издава следниот албум „Хомебоунд“, кој добива одлични рецензии од еминентни светски критичари. Хрватското издание на магазинот „Playboy“, албумот го прогласува за најдобар на просторот на поранешна Југославија.
Освен работата на проекти со електронска музика и на сопствените соло албуми, Кирил работи и музика за филм, телевизија и театар.
Големите светски компании, како: БМВ, Мазда, Форд и Мастеркард ја користат неговата музика во своите рекламни кампањи. Значајна е и неговата работа на бројни театарски претстави во регионот. Кирил Џајковски се потпишува како автор на музиката на речиси сите филмови на Милчо Манчевски, а беше дел и од филмот „Големата Вода“ на еминентниот режисер Иво Трајков.
Не пропуштајте – МТВ ТАКЕОВЕР, петок 16.04 во 20:30, ексклузивно на регионалниот МТВ канал.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com