“ Последниве две години, прометот во голема мера е намален. Што се вика, заработуваме колку да ги покриеме основните трошоци. Од нив, најголемиот дел е киријата која во чаршијата е навистина превисока. Затоа, многу од нас се одлучуваат да изнајмат простории кои не се наоѓаат во строгиот центар, но висината на наемнината е помала, објаснуваат дуќанџиите.
Во чаршијата, месечната кирија за изнајмување дуќан се движи од 150 до 2. 000 евра . Додека пак, за нивната продажна цена по метар квадратен, може слободно да се каже дека се изедначува со онаа на дуќаните во центарот на Милано или Барселона. Еден метар квадратен во охридската чаршија чини од 2. 000 до 7. 000 евра.
Од Агенциите за посредување со недвижности, велат дека поради високите цени голем број дуќани се нудат, но за нив веќе подолго време нема заинтересирани за изнајмување или купување.
– Со оглед на актуелната економска криза и стандардот на граѓаните, тие што продаваат треба конечно да се освестат и да нудат реални цени . За жал тие не попуштаат, а интерес и понатаму нема- ниту за купување, ниту за изнајмување, објаснува Никола Иванчиќ, сопственик на Агенцијата за посредување со недвижности “ Наш ваш дом” .
Економските експерти се согласуваат дека станува збор за непазарно однесување. Согласно економските принципи, кога понудата е поголема од побарувачката, логично е да се намалат и цените. Очигледно е дека овие принципи не функционираат во Охрид. Основна грижа на сопствениците на деловните простории, кои се продаваат или издаваат, е само да остварат двојно или тројно поголема заработувачка во однос на цената по која го купиле просторот, коментираат тие.