Пазарната вредност на деловниот простор во Охрид е еднаква на цените во светските метрополи.

Цената е нерeална – се жалат закупците на дуќаните, кои месечно издвојуваат од 1.500 па до 3.000 евра за да ја подмират киријата  во строгиот центар на градот и атрактивната охридска чаршија. И економските експерти сметаат дека цените се превисоки  бидејќи не можат да се носат со куповната моќ на населението во светските центри, ниту пак да ги следат трендовите кои ги диктираат  монденските летувалишта.

Цената на дуќаните кои се издаваат во Охрид се повисоки и од Дубаи. Таму месечната закупнина изнесува 80 евра по метар квадратен. Во италијанскиот туристички град Равена во строгиот центар и атрактивната ривиера може да се изнајми дуќан за сума од 500 до 2000 евра. Охрид ги надминува и турстичките дестинации од опкружувањето. На хрватското крајбрежје и во Словенија деловните простори се изнајмуваат за месечна сума од 400 до 500 евра,тоа е 5 пати пониска цена од Охрид.

“Јасно ни е дека што се однесува до изнајмувањето на деловни простори, Охрид го достигнува Њујорк, Дубаи.Тоа нас не радува, значи градот станува се’ потрактивен како дестинација. Она што нас не загрижуваше до неодамна , беше наплатата на данокот на имот“- вели градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Тој појаснува дека сумата која дуќанџиите ја наведувале  во договорот за закуп не е реална. За да платат помал данок, тие прикажуваат дека просторот го издаваат за 250 евра, а на закупците им земаат 2000 евра месечна кирија. Петрески кажа дека годинава посебни комисии ја утврдуваа вредноста и на деловниот простор кој се нуди во градот, бидејќи постојат сомневања дека поединци со години наназад го затајувале данокот на имот.    

Росица Голабоска