Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров, кој сега игра во Загреб, Хрватска, ќе биде носител на независна советничка листа на локалните избори во своето родно Свети Николе. Советничката листа е поднесена во пакет со кандидатурата на актуелниот градоначалник на Свети Николе, Слободан Даневски, кој како независен кандидат, ќе се обиде да добие уште еден градоначалнички мандат.

Прексиноќа на свечениот пречек што светиниколци на плоштадот му го приредија на Кире Лазаров за успешниот настап на Светското првенство, тој не спомна ништо за кандидатурата. Лазаров и вчера беше недостапен на мобилен телефон за да ги објасни мотивите за своето влегување во политиката.Даневски, кој му е кум на Кире Лазаров, вчера не’ информира дека работата е завршена и оти во понеделникот за еден час биле собрани потребните потписи за неговата кандидатура и за советничката листа на чело со Лазаров.

извор : “Дневник“