Кинотеката на Македонија одбива да ги прати во Шангај филмските копии од филмовите на режисерот Милчо Манчевски за ретроспективата на најтрофејниот македонски режисер во Кина, јавува „Макфакс“. Ова е прво сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто, и тоа на покана на домаќините неповрзана со македонското министерство за култура.

„Ни најмалку не ме изненадува што Кинотеката не сака да ги прати моите филмови за ретроспективата на Фестивалот во Шангај. Не им е првпат, иако јас им дадов дозвола да направат копии од моите филмови, па дури и ургирав кај странските партнери да дадат дозвола и да платат за старите филмски копии. Директорот на Кинотеката вели дека не сака да биде мој шпедитер, небаре Кинотеката нема обврска да го поддржува промовирањето на македонската култура. Веќе се навикнав на ваквиот однос од македонскиот културен естаблишмент“, изјави режисерот Манчевски.

Еден од најголемите фестивали во Азија, Филмскиот фестивал во Шангај организира циклус проекции на филмовите на Манчевски на јубилејното 20. издание. Ќе бидат прикажани македонските филмови на Манчевски, но и неговите американски и кубански филмови.

Неговиот филм ПРЕД ДОЖДОТ беше прв македонски филм прикажан во Кина и наиде на голем успех. Овој филм има култен статус во Кина, особено во академската средина каде се изучува како пример на наративната структура. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој. Менаџерот на Фестивалот Мао Лијун вели дека филмската академија го предава ПРЕД ДОЖДОТ „како библија во филмската нарација во три чина“.
Поради ова, на покана од Филмскиот институт во Шангај при тамошниот универзитет, Манчевски ќе одржи мастерклас под наслов „Збор, слика и време“ во Кинескиот музеј на уметноста. Непосредно потоа, галеријата при шангајската „Хсинхуа паблишинг груп“ организира изложба на фотографски пентаптихови на Манчевски под наслов „Сонувајќи ги ву јан песните“, според песните со пет кинески букви од династијата Танг. По тој повод, „Хсинхуа“ издава и книга со фотографии и есеи на Манчевски. Милчо Манчевски е и член на жирито на главната програма на фестивалот во Шангај.

Последниот краток експериментален филм на Манчевски, американско-кубанската копродукција КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО, во април освoи награда на филмскиот фестивал Аспен Шортфест 2017 во САД, каде што ја имаше и светската премиера. Фестивалот е квалификуван во номинациите за Оскар. Вчера КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО ја имаше меѓународната премиера на фестивалот во Токио, Јапонија. До крајот на годинава се очекува и светската премиера на неговиот нов американски долгометражен игран филм БИКИНИ МУН.
Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.

OhridNews
извор: „Макфакс“