Кинески истражувачи открија нов месечев минерал, со испитување на примероците земени од Месечината во мисијата „Чанг’е-5“, соопштија денеска Кинеската национална вселенска агенција и Кинеската управа за атомска енергија.

Како што јави новинската агенција Синхуа, тоа е првиот минерал откриен на Месечината во Кина. Новото откритие ја прави оваа далеку источна земја – трета во светот која што открила нов минерал на нашиот природен сателит, според Донг Баотонг, заменик директор на Управата.

Новиот минерал, што го доби името „Чангесит (Ипсилон)“, е вид безбоен проѕирен кристал во издолжен цилиндричен облик. Откриен е со анализа на месечевите базалтни честички, од страна на научен тим од Истражувачкиот институт за геологија и ураниум во Пекинг – огранок на Кинеската национална нуклеарна корпорација.

„Чангесит (Ипсилон)“ е официјално признат како нов минерал од Комисијата за нови минерали, номенклатура и класификација при Меѓународната минералошка асоцијација.

OhridNews