Кинеската армија спроведува распоредување на тенкови и воена опрема во близина на границата со Северна Кореја, што најверојатно е во поврзаност со неодамнешните објави на Пјонгјанг за подготвеноста да одговори на провокациите „според законите што важат при воена состојба“, објави во четвртокот интернет изданието на дневниот весник The Washington Times, кој се повикува на неименуван релевантен претставник на американското разузнавање, пренесува „Макфакс“.

Според соговорникот на весникот, „придвижувањата“ на војските на Кина во пограничните региони започнало уште кон средината на март, а тоа продолжува и овие денови. Според податоците добиени преку разузнавачки канали, особено забележливо е распоредувањето на војските во провинцијата Лиаонинг, каде што се регистрирани армиски единици и тешка артилерија на Народноослободителната армија на Кина, вклучувајќи ја и 190-та моторизирана пешадиска бригада. Исто така, голем број авиони ловци го крстосуваат небото над пограничните градови Фучен, во провинцијата Хебеј), Чжангу и Чаончун во провинцијата Лиаонин.

Според весникот, овие кинески борбени единици можат да реагираат и да одговорат во случај на избувнување конфликт во регионот од каков и да е обем.

Последните седмици има брза ескалација на тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја. Претходно, Северна Кореја предупреди дека во случај на воена провокација против неа ќе одговори на тоа според „прописите на воената состојба“. Од друга страна, пак, Сеул, објави дека разработува план за превентивни напади во случај на директна закана за националната безбедност.

Кина, инаку единствен дипломатски сојузник на Пјонгјанг, којашто повеќепати ја поддржува денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров, особено изненади кога во март без никакви забелешки ја поддржа во Советот за безбедност при ОН резолуцијата за нови санкции против Северна Кореја поради нејзината трета нуклеарна проба. Пекинг од почетокот на тензиите ги повикува сите засегнати страни на воздржаност и решавање на сите прашања поврзани со севернокорејската нуклеарна програма преку преговори.

Претходно во четвртокот беше објавено дека САД располагаат со разузнавачки информации, според кои што Северна Кореја може во следните неколку денови или седмици да изврши лансирање на балистички проектили од мобилни системи.

Претходно, јужнокорејските власти соопштија дека во четвртокот Северна Кореја распоредила на источниот брег на земјата балистичка ракета која може да се користи за тестирање или во воена вежба. Според министерството за одбрана во Сеул, малку е веројатно проектилот да е насочен кон континенталниот дел на САД и не може да достигне цели на американска територија.

Јужнокорејските експерти велат дека пренесениот објект до источниот брег според обликот наликува на балистичката ракета од типот „Мусудан“, којашто првпат беше прикажана од страна на Северна Кореја за време на воената парада во октомври 2010 година. Се верува дека дострелот на проектилот изнесува три до четири илјади километри.

OhridNews
извор: „Макфакс“