Кина годишно произведува околу 80 милијарди стапчиња за јадење како еднократен прибор во нивната исхрана, обелоденил еден кинески пратеник, кој ги повикал своите сонародници да ги променат своите навики и со тоа да допринесат во заштита на кинеските шуми. Бо Гуангсин, кој исто така е претседател на државната компанија од областа на шумарството, исто така изјавил дека мораат луѓето да се научат да користат сопствен прибор за јадење. Обраќајќи се на годишната седница на кинескиот народен парламент, тој истакнал дека за производство на стапчиња за јадење секоја година се сечат 20 милиони стебла.

Како илустрација, Бо рекол дека со годишното производство на стапчиња за јадење, чија стандардна должина е 20 сантиметри, пекиншкиот централен плоштад би можел да се прекрие 360 пати. Кина е најголемиот увозник на дрво во светот. Во 2006 година владата вовела данок од пет проценти на еднократните стапчиња за јадење и паркети како би го намалила користењето на овие суровини.