Кинеските власти планираат случајни теренски проверки за Ковид-19 во медицинските установи, соопштија денеска здравствените власти во земјата, пренесуваат британските медиуми.

Во изминатите неколку месеци, Пекинг се соочи со притисок од одредени земји и здравствени експерти, кои бараа да се обелоденат податоците за бројот на случаи на Ковид-19, особено официјални бројки за тешки случаи и смртни случаи.

Советниците на Светската здравствена организација неодамна излегоа со апел до кинеските власти да ги откријат сите информации поврзани со потеклото на пандемијата на Ковид-19.

Како дел од новите мерки објавени од Националната здравствена комисија, провинциските власти ќе имаат задача да вршат дневни инспекции во центрите за вакцинација, како и болниците, здравствените центри и местата за тестирање од Ковид-19, пренесоа британските медиуми.

Кинеските власти, исто така, ќе бараат утврдување на фактичката состојба дали некој криел извештаи за инфекцијата, ја одложувал или испраќал погрешни извештаи.

OhridNews