Германскиот гигант Кил е нов првак во Лигата на Шампиони. Популарните „зебри“ на тронот се искачија, триумфирајќи на завршниот турнир кој се играше вчера и денеска, во „Ланксес Арената“ во Келн.

Кил во финалето, после голема борба и атомски ракомет, ја совлада шпанска Барселона со 33-28, полувреме (19-16).

Германците од почетокот до крајот на натпреварот го имаа водството. Каталонците со повремени блесоци стигнуваа до егал, но ниту еднаш не успеаја да поведат. Во финишот, Кил се одлепи на 26-21, но Барселона стигна до минус два и напад, кој не го реализираше. Во продолжението германскиот гигант повторно се одлепи и не дозволи неизвесност, спроведувајќи го мечот во мирна завршница.

Составот на Кил стигна до четвртата титула во историјата, а, на врвот од европскиот клупски ракомет го наследи Вардар, кој победи на завршниот турнир во 2019 година.

Во малото финале, кое беше најава за спектакуларното финале, ПСЖ со 31-26 го совлада Веспрем и се закити со бронзениот медал.

OhridNews