Интернетот во последно време е забавен заради, како што тврдат експертите за безбедност, најголемиот кибернетички напад од тој вид во историјата, јавува BBC, пренесува „Макфакс“.

Заради судири меѓу здружението Спемхаус кое се бори против ’спамовите’, односно несаканата пошта и несаканите содржини, и Сајбербункер, холандска ’хостинг’ компанија, следеа бројни напади, противнапади и одмазди кои во добар дел го отежнаа интернет сообраќајот. Освен што последиците од тоа го чувствуваат услугите како Нетфликс, популарен сервис за стриминг, експертите се загрижени дека конфликтот би можел да ги загрози банкарските системи и системите на електронска пошта. Целиот случај, тврди ББЦ, го истражуваат пет национални полиции, поточно одделите за кибер криминал.

Спемхаус поседува цела датотека на сервери познати по тоа што се користат за нечесни цели. Спемхаус неодамна ги блокираше серверите што ги одржува Сајбербункер кој тврди дека ќе овозможи закупување на веб страници на сите, освен педофилските страници и материјали што поттикнуваат тероризам.

Свен Олаф Кампуис, портпарол на Сајбербункер, смета дека Спемхаус ја злоупотребува својата позиција и дека не смее да му се дозволи да одредува „што смее, а што не смее да оди на интернет“.

Спемхаус тврди дека зад кибернетичките напади стои токму Сајбербункер во соработка со „криминални групи“ во источна Европа и Русија.

OhridNews
извор:„Макфакс“