ГКК Охрид е казнет со 59000 денари од страна на Кошаркарската федерација поради наводни пропусти во организацијата на натпреварот со КК Гостивар на домашен терен, кој охриѓани го загубија.
Според КФМ, охридскиот прволигаш треба да плати 3000 денари за технички проблем со семафорот, 8000 денари за неспортско навивање и два пати по 24000 денари за фрлање тврди предмети и плукање кон службено лице.
ГКК Охрид жестоко реагираше на изречените казни. Како клуб ГКК Охрид воопшто не оправдува насилство, неспортско однесување на играчите, какo и неспортско навивање од публиката. Сметаме дека одлуките за изречените казни од страна на комесарот за натпреварување се престроги и се носат само според правилникот, а сите клубови немаат еднаков третман, стои во клупската реакција.
Бидејќи на овој натпревар немаше стрим (снимка) поради технички проблем (за што мислев и за тоа ќе бидеме казнети), врз основ на која снимка комесарот, односно комисијата дојде до одлуката за изрекување на толку високи казни?
Според извештајот, релевантен е само делегатскиот извештај и извештајот на контролорот на натпреварот. Како и да е, јас како преставник на ГКК Охрид, во однос на казните, сакам само да прашам што беше неисправно на семафорот за што е напишана казната од 3000 ден, а ние како клуб не сме информирани, што беше карактеризирано како неспортско навивање за казна од 8000 ден, фрлање на тврди предмети (изолиран случај едно полупразно пластично шише), како и плукање на службени лица на оддалеченост од трибина до терен зошто можам да потврдам дека ниеден навивач немаше на терен бидејќи на натпреварот имаше клупско обезбедување?
Како информација истиот ден беа одиграни повеќе натпревари низ Македонија, па оставам на спортската јавност да оцени дали и каде имаше неспортско однесување на играчи и каде имаше неспортско навивање од публика.
Сепак кошарката се игра за публика! – се наведува во реакцијата на Марјан Бошалевски од ГКК Охрид.
Г.М.