По немилите сцени на дерби натпреварот од првото коло во македонската прва лига кошаркарската федерација се огласи со сопштение кое ви го пренесуваме во целост .

По повод инцидентите на натпреварот МЗТ Скопје – Фершпед Работнички одигран во недела, 14 Октомври 2007 Кошаркарската Федерација на Македонија најостро го осудува однесувањето на навивачите на двата тима, особено скандалозното предизвикување инциденти на навивачите на МЗТ Скопје, кои со своето неспортско однесување ја загрозија безбедноста на актерите и официјалните лица на натпреварот и со тоа му нанесоа огромна штета и на својот клуб МЗТ Скопје.

Апелираме до КК МЗТ Скопје, но и до сите кошаркарски клубови, да преземат посериозни активности околу организација на натпреварите, особено во делот со обезбедувањето на актерите и официјалните лица. Истовремено, го охрабруваме комесарот на лигата, најостро да ги санкционира ваквите и слични инциденти, со цел заштита и на вистинските вљубеници во кошарката, кои исто така во голем број ги посетуваат кошаркарските натпревари.
 
Јавно упатуваме барање и до полицијата и останатите субјекти задолжени за одржување на јавниот ред и мир, стриктно да го почитуваат и практикуваат законот и најостро и решително да ги сакнционираат сите изливи на насилство на одредени групи насилници, кои и нанесуваат огромна штета на кошарката, но и на македонскиот спорт воопшто.

Се надеваме дека сите ние заедно, КФМ, клубовите и припадниците на јавниот ред, со голем заеднички напор, ќе успееме да ги изолираме насилниците и оние кои на кошаркарските натпревари доаѓаат со цел да го срушат угледот на кошаркарскиот спорт кој е во огромен подем и дека ќе им овозможиме на вистинските вљубеници и пријатели на спортот мирно и во спортска атмосфера да ги проследат кошаркарските натпревари.

Кошаркарска Федерација на Македонија
Даниел Димевски
Претседател на УО

ohridnews