На средбата им беше презентирана програмата за подготовки и натпревари која ја очекува нашата најдобра селекција следното лето и секако настапот на Евробаскетот во Словенија. Мерџановски ги пренесе насоките и очекувањата во однос на исполнување на програмата на селекторот Пипан, која е оптимизирана да на Антиќ, Меккејлеб, како и на останатите репрезентативци, им се овозможи доволно време за одмор по напорните сезони.
“Би сакал и јавно да му се заблагодарам на Антиќ за тоа што беше одличен домаќин, впрочем како и секогаш” – вели Мерџановски по враќањето од Атина. “Многу ми е мило што гледам дека Перо е одлично прифатен и високо ценет во средината каде настапува, задоволен е и тоа е најважно за еден странски играч, да има мир и позитивно опкружување околу себе. И Антиќ и Меккејлеб со ентузијазам гледаат на претстојните настапи со репрезентацијата и со нетрпение очекуваат летово да се сретнат со останатите соиграчи” – констатираше директотот на националните селекции.
Селекторот Алеш Пипан и раководството на Федерацијата претходно имаа средба и со Војдан Стојановски, за време на неговиот кус престој во Скопје, а во наредниов период ќе се остварат средби и со Предраг Самарџиски, како и со младите кандидати за сениорската селекција, Андреј Магдевски, Кристијан Николов и други кои настапуваат во странство.